Руски воен пилот, наводно, доставил до Главната разузнавачка управа на Министерството за одбрана на Украина доверливи информации кои помогнале да се идентификуваат повеќе од 30 команданти на руската дивизија на тешки бомбардери!
Извори на украинскиот портал „Правда“ наведуваат дека пилотот на руската 22 дивизија на тешки бомбардери, која е сместена на аеродромот Енгелс и оттаму изведува напади со проектили X-101, го контактирал ГУР по нападот на детската болница во Киев.
„Рускиот пилот изјавил дека бил шокиран од нападот на детската болница и затоа одлучил со Украина да сподели документи поврзани со активностите на неговата воена единица и приватни фотографии од командантите на 22 дивизија тешки бомбардери“, пренесува „Правда“.
Okhmatdyt Children's Hospital in Kyiv. One of the most important CHILDREN’S hospitals not only in Ukraine, but also in Europe. Okhmatdyt has been saving and restoring the health of thousands of children.
— Volodymyr Zelenskyy / Володимир Зеленський (@ZelenskyyUa) July 8, 2024
Now that the hospital has been damaged by a Russian strike, there are… pic.twitter.com/TmRlUmSBri
Документите, наводно, вклучуваат персонални досиеја на високи офицери и лични податоци за руските војници и нивните семејства.
На фотографија од извесна прослава, објавена од украинските медиуми, се гледаат 30 високи офицери на воздухопловството како се веселат во цивилна облека.
„Службените документи на 22-та дивизија се меѓу највредните документи до кои дошле разузнавачите“, наведува „Правда“.
Најголемата украинска детска болница, Окматдит, за потсетување, била погодена при нападот на Киев на 8 јули, а во таа прилика биле убиени двајца возрасни и едно дете.
Русија негира дека целта била детската болница и тврди дека на зградата паднала ракета за противвоздушна одбрана.
Киев, од друга страна, тврди дека има докази дека зградата била погодена од ракета X-101 и дека се пронајдени фрагменти со серискиот број на проектилот.
Руската Федерална служба за безбедност неодамна соопштила дека го спречила обидот на Украина да го организира киднапирањето на рускиот стратешки бомбардер Tu-22M3.
Украинското разузнавање наводно имало намера да му понуди на рускиот воен пилот пари и италијанско државјанство, со цел да го убеди со авионот да слета во Украина.