Што ќе правиме-ќе правиме, до крајот на 2026 година Кичево-Охрид ќе биде завршен, ветува Николоски за патот кој се гради десет години

Макфакс

10/07/2024

14:22

1.430

Големина на фонт

а а а

Автопатот Кичево – Охрид ќе биде целосно функционален до крајот на 2026 година, уверува министерот за транспорт и врски Александар Николоски и најавува негово откочување.

Крајот на 2026 година е рокот кој го утврди техничката Влада на чело со Талат Џафери откога меѓународни експерти ја советуваа Владата дека договорот со изведувачот „Синохидро“, кои веќе десет години го градат патот, не треба да се раскине под услов ниту Владата ниту компанија да не бараат отштета. Министерот Николоски вели дека автопатот Охрид – Кичево има многубројни проблеми на чие откривање тие работат во моментов.

„Дел се поврзани со експропријација дел се поврзани со проектирање на косини, дел се поврзани со објекти кои се на самата траса, пред се бензински пумпи кои треба да се дислоцираат, а се на самата траса. Она што можам да кажам е: како ќе правиме- ќе правиме, ветувањето кое го дадовме дека до крајот на 2026 година ќе има функционален автопат, тоа што го напишавме во нашата програма, ќе го реализираме и до крај на 2026 година Охрид – Кичево ќе биде завршен“, рече министерот Николоски пред почетокот на денешната трибина „Развој како услов за опстанок на македонското градежништво“, организирана по повод одбележување 75 години постоење на Градежниот факултет.


Место четири години, колку што првично беше предвидено, автопатот Кичево – Охрид се гради десет години. Последното продолжување на рокот за негово завршување од март годинава беше поради појавата на 13 свлечишта. Токму проблемите кои се појавија на трасата на овој автопат, деканот на Градежниот факултет, Горан Марковски, вели дека треба да бидат поука дека посебно внимание треба да се посвети на проектирањето.

„Наравоучение од она што се случува со автопатот Кичево – Охрид е тоа дека проектирањето на вакви сериозни инфраструктурно проекти, особено линиски, заслужува многу поголемо внимание, многу подолг период на проектирање, за што поподготвено да се влезе во фаза на изработка на проекти. Има таму многу елементи кои се специфични од различни аспекти меѓутоа генерален заклучок може да се произнесе дека проектирањето е исто така многу важна фаза во целокупната изградба на вакви капитални инвестиции. Проектот има долга историја. Работен е во едно друго време. Почнато е проектирањето во минатиот милениум, 1999 година со некои други сфаќања и други правила во решавање на одредени технички проблеми. Кога денес би се проектирал овој автопат сигурно би се пристапило поинаку и би се нашле поинакви решенија за одредени проблеми кои сега се јавуваат“, рече деканот Марковски.


Вина кај проектантите за одолговлекувањето на изградбата на патот Кичево – Охрид посочуваше и експремиерот Димитар Ковачевски. Ги спореди со сметководители и кажа дека проектанти со свлечишта се исти како сметководители со погрешни завршни сметки, но освен во неколку изјави, на друг начин не побара одговорност ниту од проектантите ниту од изведувачот. Ковачевски неколкупати најави и можно раскинување на договорот со „Синохидро“, но експертите советуваа дека треба да им се дозволи да го довршат започнатото.

Автопатот Кичево – Охрид почна да се гради во 2014 година, а трошокот за негова изградба надмина половина милијарда. Долг е 57 километри. Првично требаше да биде завршен до 2018 година. Кога стана извесно дека нема да се изгради во предвидениот рок, изградбата беше пролонгирана до 30 јуни 2021 година, потоа до 31 декември 2023 година, а свлечиштата кои се појавија ја пролонгираа изградбата до крајот на 2026 година.



Спонзорирани линкови

Маркетинг