Порака која тера на солзи: Тони Крос емотивно се збогуваше од фудбалот

Точка

07/07/2024

14:57

3.578

Големина на фонт

а а а

По долгогодишната успешна кариера, Тони Крос, еден од најголемите светски фудбалски таленти, одлучи да стави точка на своето активно играње. Иако не се збогуваше со освојување на титулата шампион на Европа, неговиот придонес во фудбалот е неспорно голем, а неговата проштална порака е искрена и емотивна.

„Па, тоа би било тоа. Меѓутоа, пред да почнам да одмарам и барем да се обидам да сфатам што се сè случи во претходните 17 години, не сакам да пропуштам можност да се заблагодарам на сите кои ме прифатија таков каков што сум. Им благодарам на моите навивачи ширум светот на безусловната поддршка. Им благодарам на моите клубови и тренери кои верувале во мене. Им благодарам на сите мои соиграчи што правеа да се чувствувам добредојден било кога. Им благодарам на моите пријатели што секогаш беа искрени кон мене, без оглед на тоа колку станав успешен. Им благодарам на своите агенти, кои ми станаа пријатели. Им благодарам на моите родители кои на најдобар можен начин ме подготвија и ми помогнаа да сфатам што е мојот сон. Му благодарам на мојот брат Феликс, кој секогаш беше мојот најголем фан. Им благодарам на моите деца кои секогаш беа моја најголема мотивација да дадам се од себе, бидејќи ништо не е подобро од тоа кога ќе ги видите вашите дека се горди на вас. И благодарам на мојата прекрасна сопруга Џесика што беше тоа што е. Никогаш немој да се менуваш, бидејќи овој успех немаше да биде ист без тебе. Тоа е наш успех! На крај, последно, но не и најмалку важно – Ти благодарам фудбалу! Ти прекрасна игро. И … нема на што! Готово, крај“, напиша Крос.


Тони Крос остави длабока трага, како во репрезентативниот, така и во клупскиот фудбал. Со 113 настапи и 17 постигнати голови за репрезентацијата на Германија, Крос беше клучен играч во освојувањето на Светското првенство во 2014-та година во Бразил. Со Реал Мадрид, одигра 464 натпревар, постигна 28 гола и забележа 98 асистенции, додека со Баерн Минхен три пати ја освои титулата шампион на Германија и еднаш на Европа.


По објавата за одење во пензија, фудбалскиот свет му се поклони на Тони Крос, изразувајќи почитување кон неговата неверојатна кариера и придонесот за фудбалот. Многумина истакнаа дека Крос не беше само врвен фудбалер, туку и вистински пример како треба да се однесува професионалец надвор од теренот. Крос остави длабока трага во фудбалот, а неговото заминување во пензија претставува крај на ерата на еден од најголемите фудбалски таленти на сите времиња.




Спонзорирани линкови

Маркетинг