Трамп: Бајден е виновен за нападот на Украина; Бајден: Би го пуштил Путин да стигне во Полска

Макфакс

28/06/2024

08:42

3.576

Големина на фонт

а а а

Американскиот претседател Џо Бајден и неговиот републикански ривал Доналд Трамп го споменаа рускиот претседател Владимир Путин десетина пати во првата едноиполчасовна претседателска дебата, натпреварувајќи се да покажат кој е посилен во надворешната политика, анализира Ројтерс.

„Да имавме вистински претседател, претседател кого (…) Путин го почитуваше, тој никогаш немаше да ја нападне Украина“, рече Трамп за Бајден, започнувајќи вербален конфликт меѓу двајцата кандидати за војните во Украина и Газа.

„Повелете, пуштете го Путин да влезе и да ја контролира Украина, а потоа да продолжи во Полска и на други места. Погледнете што ќе се случи тогаш. По ѓаволите, тој нема поим за што зборува“, рече Бајден за Трамп.

Освен прашањето како да се стави крај на војната во Украина, во дебатата доминираше прашањето за американската поддршка за НАТО, како и дали европските земји придонесуваат доволно во напорите против руската инвазија.

Инаку, потсетува Ројтерс, Путин и претходно изрази рамнодушност кон исходот од претседателските избори во САД.

„Мислиме дека резултатот нема големо значење за нас. Ќе соработуваме со секој претседател што американскиот народ ќе го избере“, рече рускиот претседател претходно овој месец на прашањето дали верува дека исходот од американските избори ќе направи разлика за Москва. .

Кога станува збор за војната на Израел во Газа, Бајден го пофали неговиот план за прекин на огнот и рече дека никој во светот не бил поголем поддржувач на Израел од САД.

„Го спасивме Израел“, рече тој.

Трамп ги повтори тврдењата дека милитантите на Хамас немало да го нападнат Израел „за милион години“ доколку тој бил претседател.

„Стана како Палестинец. Но, не го сакаат затоа што е многу лош Палестинец. Тој е слаб“, рече Трамп за Бајден.



Спонзорирани линкови

Маркетинг