Компанијата Епл би можела да плати скапа казна за непочитување на правото на ЕУ.
Европската комисија во март објави дека започнува истрага за новата структура за наплата на Епл за алтернативни продавници за апликации, па компанијата сега се соочува со дневни казни до 50 милиони долари.
Епл наплаќа таканаречена Основна технолошка такса за програмерите кои сакаат да ги насочат корисниците надвор од Епл продавницата, а има дополнителни три проценти за компанијата доколку програмерот ја користи услуга за плаќање на компанијата. Наметнувањето на таквите давачки за програмерите се смета за прекршување на Законот за дигитални пазари (DMA), според новиот извештај на Financial Times.
Официјална потврда на обвиненијата се очекува во наредните недели, велат добро упатени извори. Епл се соочува со казна до пет проценти од глобалниот дневен промет поради прекршување на законот. Во „превод“, тоа се околу 50 милиони долари дневно.
Сепак, не е сигурно дека казната навистина ќе се материјализира, бидејќи нештата се сложени. Компанијата сепак може да преземе мерки и да ја коригира својата практика според барањата на Европската комисија.