[ВИДЕО]: Трепнете и ќе пропуштите! Ова е најбрзото местење на Рубикова коцка досега

Точка

16/06/2024

16:01

8.229

Големина на фонт

а а а

Авторот на Рубиковата коцка, Ерно Рубик, потрошил цел месец да ја намести. На овој робот му треба помалку од секунда!

Решавањето на Рубиковата коцка, познатата загатка која бара од корисникот да распореди 9 коцки со иста боја на шест страни од коцката, со години ги воодушевува луѓето ширум светот.

И додека за некои тоа е речиси невозможна мисија, други се натпреваруваат кој ќе може побрзо да ја заврши. Меѓутоа, луѓето не се единствените кои се натпреваруваат во решавањето на Рубиковата коцка. Во ова се испробале и роботите.

Така, "Mischubishi Electric Corporation" пред неколку години направи робот кој ја реши Рубиковата коцка за само 0,38 секунди. Но, очигледно тоа не им било доволно брзо. Новиот робот што го направија го собори тој рекорд и постави нов – ја намести Рубиковата коцка за само 0,305 секунди.

Роботот за тестирање на брзо и точно синхронизирано движење "TOKUI" вообичаено се користи за изработка на мотори, но неговите инженери го приспособија за да покажат колку брз и прецизен може да биде во составувањето дури и на најсложените работи.

Така, овој робот ги препознава боите, ги анализира со помош на алгоритам со вештачка интелигенција и стартува ротациски механизам кој ја врти коцката за 90 степени за само 0,009 секунди.

Како тоа изгледа во пракса можете да видите во приложеното видео. Само не трепнувајте, бидејќи ќе го пропуштите моментот кога робот од куп измешани бои ќе состави Рубикова коцка.

"Mitsubishi" истакнува дека воопшто не било лесно да се приспособи роботот "TOKUI" за да ја реши Рубиковата коцка. Како прво, затоа што самиот робот бил пребрз, па делови од коцката се блокирале. По многу обиди и грешки, тие успеале да го постигнат тоа што го зацртале и поставиле нов рекорд.

Ако се прашувате колку време му е потребно на човек да ја намести Рубикова коцка, еве неколку интересни факти. Ерно Рубик, кој ја измислил оваа загатка, ја составувал цел месец. Во моментов рекордот за најбрзо решавање на Рубиковата коцка меѓу луѓето го држи американскиот Макс Парк со импресивни 3,13 секунди.

Со оглед на тоа дека има повеќе од 43 милиони трилиони можни конфигурации на класичната Рубикова коцка, која има по 9 коцки на секоја страна, секој успешен обид за решавање на Рубиковата коцка треба да се слави.