Претседателот на шпанската фудбалска лига Хавиер Тебас денеска изјавил дека Килијан Мбапе, француски репрезентативец и моментален напаѓач на Пари Сен Жермен, ова лето ќе премине во редовите на Реал Мадрид. Тебас откри дека Мбапе ќе потпише петгодишен договор со мадридскиот клуб, нагласувајќи дека договорот е веќе постигнат.
Првиот човек на Ла Лига во интервју за аргентинскиот спортски дневник „Ole“ го потврдил доаѓањето на Мбапе во Мадрид, истакнувајќи дека овој трансфер дополнително ќе го засили Реал Мадрид. Тој нагласил дека Мбапе е еден од најдобрите играчи на светот, но исто така го истакнал и присуството на други талентирани фудбалери како Винисиус и Белингем, со што најавил дека Реал Мадрид ќе има многу силен тим наредната сезона.
„Тој доаѓа во Мадрид следната година, следната сезона, да, да“, навел Тебас и додал:
„Мбапе е еден од најдобрите играчи на светот. Но тука се Винисиус и Белингем. Мадрид ќе има голем тим“, рекол Тебас.
Реал Мадрид, кој неодамна ја освои 36-тата титула шампион на Шпанија и кој на 1-ви јуни ќе се бори за 15-тиот трофеј во ЛШ, изгледа како логична дестинација за Мбапе, иако официјална потврда на овој трансфер сè уште не пристигнала од ниедна страна. Се очекувај дека овој трансфер ќе има значајно влијание на фудбалскиот пазар и дека ќе придонесе за понатамошната динамика во светот на фудбалот.
Мбапе за парижаните одигра 307 натпревари и постигна 256 гола за седум сезони.