На вчерашното големо финале на Евровизија коe годинава се одржа во Малме, Шведска, на самиот почеток на церемонијата на сите им се обрати принцезата Викторија, војвотката од Вестерготланд, ќерка на кралот Карл XVI Густав и кралицата Силвија од Шведска.
„Добро вечер, големо задоволство ми е на сите да ви посакам добредојде во Шведска, а на сите натпреварувачи им посакувам многу среќа вечерва“, изјави престолонаследничката Викторија пред почетокот на Евровизија.
Инаку, Викторија е идна кралица на Шведска, а на три години станала принцеза престолонаследничка, што било преседан во тоа време.
Имено, првиот ден од 1980 година, променет бил законот којшто налагал дека престолот мора да го наследи најстариот машки потомок на кралот. Така што круната ќе ја носи таа, а не нејзиниот помлад брат, принцот Карл Филип.
Таа од 2010 година е во брак со Даниел Вестлинг, а нивната љубовна приказна е достојна за бајка. Викторија после студиите на Универзитетот Јејл се вратила во Шведска и го лекувала скршеното срце по раскинувањето со долгогодишното момче Даниел Колерт.
Даниел Вестилнг бил долгогодишен личен тренер на принцезата пред да ја започнат љубовната врска, а во февруари 2009 година објавиле дека се вериле. Во таа прилика на конференцијата за новинари кажале дека тоа била љубов на прв поглед.
„Даниел и јас имавме големо и искрено пријателство. Беше тоа пријателство кое растеше во љубов“, изјавила Викторија, а Даниел додал: „Нашето пријателство се разви во љубов. Тоа е совршена лична хемија“:
Меѓутоа, не биле сите на почеток воодушевени од оваа врска и импресионирани што идната кралица ќе се венча за „обичен“ човек, со потекло од едно село во централна Шведска.
Според пишувањата на тамошните медиуми, кралицата Силвија им спомнала на своите пријатели дека едноставно не верува дека врската меѓу Викторија и Даниел ќе трае.
Се пишувало дека кралот бил против тоа неговата ќерка да се венча за „обичен“ човек. Најголемиот проблем била разликата во финансискиот статус на семејството на Силвија и Даниел.
Во меѓувреме Вестлинг го сменил имиџот, одел на часови по историја и странски јазици, учел правила на отмено однесување и кралска етика за што подобро да се вклопи во кралскиот свет, па кралот на крај го прифатил.
Викторија и Даниел се венчале на 19 јуни 2010 година во Стокхолм. Тоа била првата кралска венчавка која се случила во Шведска откако нејзините родители, кралот Густав и кралицата Силвија се венчале во 1976 година, а интересно е тоа што и тие се венчале на истиот тој датум.
Судбоносното „да“ го кажале пред пријателите, семејството и милиони гледачи во Шведска, а настанот бил опишан како најголемата европска венчавка после Чарлс и Дајана, а нивниот брак на шведското кралско семејство му донел нов раст на популарноста.
Сепак, Викторија била обвинета за корупција поради подарокот за меден месец којшто таа и нејзиниот сопруг го добиле после венчавката.
Имено, младенците од шведскиот милијардер Бертли Хулт добиле подарок вреден над стотина илјади евра, вклучувајќи и авион и јахти. Против кралскиот пар биле поднесени најмалку три кривични пријави пред шведскиот суд.
Две години по венчавката, во нивниот дом пристигнала принцезата Естел, а принцот Оскар се родил во 2016 година. Во текот на годините кои следеле, неколку пати се појавувале гласини за брачна криза, што шведската принцеза ги демантирала.