Судир меѓу полицијата и пропалестинските демонстранти во Лос Анџелес: Полицајците фрлија шок бомби, упаднаа во камп пред универзитетот

Макфакс

02/05/2024

16:19

1.121

Големина на фонт

а а а

Полицијата ги отстрани барикадите и почна да го демонтира кампот на пропалестински демонстранти во кампусот на Универзитетот во Калифорнија, Лос Анџелес (UCLA), откако стотици не ги послушаа наредбите да си заминат.

Полициската акција следеше 24 часа по конфликтот во кампусот кој започна со напад на група про-израелски демонстранти врз пропалестинскиот камп, пренесе Гласот на Америка. Полицијата денеска приведе мала група демонстранти во кампусот. Акцијата дојде откако полицајците со часови се закануваа со апсење преку звучници доколку луѓето не се разотидат.

Додека полициските хеликоптери лебдеа над нив, звукот на шок-бомбите, кои произведуваат силни светла и гласни звуци за да ги дезориентираат и зашеметуваат луѓето, пробиваше низ воздухот. Демонстрантите скандираа „каде бевте синоќа?“ додека се приближуваа полицајците.

Полицајците носеа шлемови, заштитни елеци и палки, а дел од демонстрантите носеа гас-маски, додека други извикуваа „сакате мир, ние сакаме правда“. Полицијата ги отстрани барикадите на кампот од иверица, пелети, метални огради и корпи за отпадоци за да стигне до десетиците шатори на демонстрантите. Полицијата почна да урива и настрешниците и шаторите.

Демонстрантите држеа чадори како штит додека се соочија со десетици полицајци. Протестот во UCLA е еден од многуте пропалестински демонстрации во колеџските кампуси низ целата земја што резултираа со стотици апсења. Полицијата во Њу Хемпшир ги уапси демонстрантите и ги отстрани шаторите доцна синоќа и рано утринава во колеџот Дартмут.

На Универзитетот во Тексас во Далас, полицијата расчисти пропалестински камп откако уапси најмалку 17 лица.

Вчера во Њујорк, полицијата уапси најмалку 15 лица на Универзитетот Фордам додека ги растера учесниците во пропалестинскиот протестен камп. На Универзитетот во Минесота, организаторите на протестот доцна синоќа рекоа дека нивното седење ќе продолжи откако претходно во текот на денот разговараа со в.д. од претседателот на универзитетот Џеф Етингер.

Универзитетот Колумбија вчера објави дека сите преостанати академски активности за претстојниот семестар ќе се одржат од далечина по протестите кои вклучија окупација на зграда на кампусот. Во вторникот вечерта полицијата ги растера демонстрантите и уапси речиси 300 луѓе.



Спонзорирани линкови

Маркетинг