Хана има 16 години, докторат и приказна од која ќе се наежите: По раѓањето останала без мајка, а потоа судбината си поиграла со неа

Точка

30/04/2024

12:43

1.495

Големина на фонт

а а а

Хана Тејлор Шлиц има само 16 години и во мај ќе докторира на Тексашкиот женски универзитет. Таа е најмладиот дипломец на овој факултет, кој постои од 1901 година, а нејзиниот успех не можел да остане незабележан.

Позади оваа убава девојка со широка насмевка се крие трагична судбина. Нејзината мајка починала само неколку дена по нејзиното раѓање, пишува „Newsweek“.

Хана е родена во 2008 година во зафрлено село на југот на Етиопија. Првиот и единствен пат во прегратките на нејзината мајка била веднаш по раѓањето. Неколку дена подоцна нејзината биолошка мајка починала од туберкулоза. Кога имала само 9 месеци, Хана била посвоена и донесена во САД, каде ѝ била дијагностицирана туберкулоза, па морала да се лекува.


„Имав неверојатна среќа да ме посвои семејство во кое бев одгледувана со многу љубов. Тие беа подготвени да се борат за моето здравје и да ме спасат од судбината на мојата биолошка мајка. Жената која ме посвои, мојата втора мајка д-р Миеша Тејлор, е доктор за итна медицина и ми ја пружи неопходната грижа не само за да преживеам, туку и да напредувам“, ја започнала Хана својата исповед.

Свесна е дека имала голема среќа, бидејќи успеала да ја избегне судбината на илјадници деца, особено во Етиопија, кои умираат од туберкулоза.

„Често размислувам за судбината на безброј деца кои за разлика од мене немаат среќа да се спасат од оваа болест. Колку потенцијални Нелсон Мандела, Алберт Ајнштајн, Марија Кири или Малала Јусафзаи се изгубени поради болест за која постојат средства за лекување и спречување? Ваквите мисли се мрачен потсетник на суровата реалност со која се соочуваат многумина ширум светот“, додала таа.

Како што истакнала Хана, свесна е дека под сплет на среќни околности и посвојување ја избегнала трагичната судбина на нејзината биолошка мајка.

„Сето тоа влијаеше на мојата одлука да докторирам по социологија, односно во област која дава увид за испитување на сложените интеракции меѓу општеството, здравјето и болеста - интеракции кои јас лично ги преживеав. Иако моите достигнувања се исклучиво мои, тие фрлаат светлина врз погубната реалност која влијае на животите и потенцијалните иднини изгубени поради болест која останува нелекувана и е широко распространета во многу делови од светот иако постои лек за тоа“, вели таа.


Иако Хана само 16 години, таа се бори да ја искорени туберкулозата.

„Моето патување од едно мало село во Етиопија до тоа да станам најмладиот докторанд на 16 години не е само личен триумф, тоа е моќна демонстрација за тоа што е можно кога ќе се посветиме на искоренување на туберкулозата“, рече таа.

Според податоците од СЗО, туберкулозата е една од 10-те најчести причини за смрт во светот. Во 2020 година, од оваа болест починале 1,5 милион луѓе.

„Тоа не се само бројки, тоа се изгубени животи на мајки, деца кои можеле да бидат лидери и иноватори чиј придонес во светот никогаш нема да биде остварен. Секој број е кратка приказна, а светлото е прерано исклучено“, заклучила Хана.



Спонзорирани линкови

Маркетинг