Објавена мапа: Ова се најопасните земји за посета во 2024 година

Точка

27/04/2024

13:20

10.622

Големина на фонт

а а а

Јужен Судан, Либија и Авганистан се најопасните земји во светот за посета во 2024 година, покажуваат резултатите од истражувањето на компанијата „International SOS“.

Компанијата објави интерактивна мапа која покажува каде патниците најверојатно ќе се соочат со безбедносни закани врз основа на ризикот од политичко насилство, социјални немири, насилен и ситен криминал и, оваа година, влијанието на климатските промени.

Меѓу најбезбедните места за посета се Гренланд, Финска, Норвешка, Исланд и Луксембург, а „International SOS“ вели дека безбедносните закани таму се безначајни. Спротивно на тоа, Либија, Јужен Судан, Сирија, Украина и Ирак се меѓу најопасните за посета, а овие земји се рангирани како земји со екстремен безбедносен ризик.


Во државите од Централна и Јужна Америка, Венецуела, Хондурас и Хаити, безбедносниот ризик за патниците се смета за висок по постојаниот пораст на криминалот и немирите. Спротивно на тоа, Норвешка, Финска и Исланд се означени како земји со низок ризик од здравствени и безбедносни проблеми, што значи дека се најбезбедни - заедно со Швајцарија и Гренланд.

Ризик од климатски промени

Кога станува збор за здравјето, земјите со најголем ризик од заболување од медицински проблеми или болести ги вклучуваат африканските земји Нигер, Судан, Либија, Централноафриканската Република, Сомалија и Сиера Леоне. Јемен е исто така означен како земја со висок ризик, како и Ирак, Сирија и Северна Кореја. Места со низок ризик од болести се повеќето од Европа, Канада, САД, Нов Зеланд, Австралија, Јужна Африка и Чиле.


Оваа година за прв пат беше вклучена категорија која се фокусира на влијанието на климатските промени врз земјите ширум светот. Во Велика Британија, Франција, Германија, Шпанија и Италија ризикот од климатски промени се смета за низок, но во земји како Нигерија, Демократска Република Конго и Сирија ризикот е многу висок.


Додека ризикот е низок за повеќето европски земји, „International SOS“ посочува дека летниот топлотен бран Кербер направи пустош на континентот. Температурите со денови постојано беа над 40 Целзиусови степени, а туристите во Рим паѓаа во несвест поради жештината.



Спонзорирани линкови

Маркетинг