Министрите за надворешни работи на Германија и Велика Британија го повикаа Израел да се воздржи од ескалација

Макфакс

17/04/2024

15:47

657

Големина на фонт

а а а

Британскиот министер за надворешни работи Дејвид Камерон и германската министерка за надворешни работи Аналена Бербок денеска се сретнаа со израелските лидери во Ерусалим за да изразат солидарност по иранскиот напад и да повикаат на одмерен одговор за да се избегне ескалација на тензиите.

Дванаесет дена по израелскиот напад на иранскиот конзулат во сириската престолнина Дамаск, во кој загинаа седум ирански војници, меѓу кои тројца генерали, Иран во саботата вечерта возврати со напад на израелска територија со беспилотни летала и проектили.

Ова е прв напад врз Израел од иранска територија. Иран претходно предупреди дека ќе има напад како одмазда за нападот во Дамаск.

Дејвид Камерон и Аналена Бербок се првите странски дипломати кои патуваат во Израел по нападот. Прво, тие разговараа со претседателот на земјата, Исак Херцог, кој го повика „целиот свет“ преку платформата „Икс“ „одлучно да се вклучи против заканата што ја претставува иранскиот режим, кој сака да ја поткопа стабилноста во целиот регион“.

Тие разговараа и со нивниот израелски колега Израел Кац. Камерон изјави за британската телевизија дека сака земјите-членки на Г7 да воведат координирани санкции против Иран и ја обвини таа земја дека стои зад многу злонамерни активности во регионот.

Тој посочи дека шефовите на дипломатиите на седумте економски најразвиени земји-членки на Г7, кои оваа недела се состануваат во Италија, мора да испратат јасна и недвосмислена порака до Иран.

„Се надеваме дека Израел ќе реагира на начин што минимално ќе придонесе за ескалација на тензиите, на начин што е и интелигентен и одлучувачки“, додаде британскиот министер.

Оваа недела германскиот министер се залагаше ЕУ да воведе нови санкции за иранските беспилотни летала. Посочувајќи дека Израел може да смета на „целосната солидарност на Германија“, Баербок исто така рече дека сака да разговара со израелските лидери како да се „избегнат понатамошна ескалација“ на тензиите во регионот.

Вчера британскиот премиер Риши Сунак изјави дека ескалацијата „не е во ничиј интерес“ и во телефонски разговор го повика својот израелски колега Бенјамин Нетанјаху да дејствува разумно и со ладна глава. Израел е решен да го натера Иран „да ја плати цената за агресијата“, иако речиси сите ирански 350 беспилотни летала и проектили беа пресретнати со помош на САД и другите сојузнички земји, а не беше предизвикана штета и немаше човечки жртви.

Во разговорот со Камерон и Бербок, израелскиот шеф на дипломатијата Кац инсистираше на тоа дека регионалната и глобалната стабилност не се загрозени од Израел, туку од Иран и неговите сојузници.



Спонзорирани линкови

Маркетинг