Астронаутите се подготвуваат да се вратат на Месечината

Макфакс

15/04/2024

21:04

12.886

Големина на фонт

а а а

Во 2019 година, агенцијата НАСА претстави нови одела за космонаути за мисијата „Артемис“, а уште тогаш можевме да слушнеме дека опсегот на движење во нив ќе биде многу поголем. Подготовките се во полн ек, а покрај оделата има и роботи.

Во март 2023-та година, НАСА и „Axiom Space“ ги открија оделата за членовите на мисијата „Артемис III“. Меѓу новитетите се оние кои прават оделото да одговара на различни типови на тело. Тоа е пофлексибилно од сите претходни и содржи повеќе алатки кои би можеле да бидат корисни при прошетка на површината на Месечината.

Мисијата „Артемис III“ е планирана за 2026 година, а се очекува да се повтори слетувањето на Месечината – првпат по слетувањето на Аполо 17 во 1972 година. Оние кои се спуштаат на површината треба да останат таму помалку од една недела, со цел да направат неколку прошетки и да собираат примероци од мраз. Остатокот од екипажот ќе остане во капсулата Орион, а астронаутите од Месечината ќе ги врати "SpaceX Starship".

Првиот дел од мисијата – тест лет без екипаж – е веќе завршен, а „Артемис II“ ќе следи во септември 2025 година. Потоа четворица астронаути ќе полетаат со леталото Орион на пробен лет околу Месечината, по што ќе се вратат на Земјата. Екипажот е веќе избран и е на обука, а летот е планирано да трае осум дена.

Тие исто така тренираат нови четириножни роботи „Spirit“ кои се дизајнирани да се движат по комплексен терен полн со кратери. Во иднина, групи на такви роботи би можеле да се дистрибуираат на Месечината – освен што можат да функционираат независно, тие се способни и за вмрежување за размена на податоци и создавање мапи за обележување на ризичните места. Се тврди и дека ќе можат да си помагаат ако се заглават.

Крајната цел на мисијата „Артемис“ е населба на јужниот пол на Земјиниот сателит, бидејќи тоа е локацијата каде што има извор на вода. На ова ќе му претходи „Артемис III“, која е планирана за септември 2026 година. Интересно е што астронаутите потоа ќе однесат мала стаклена градина на Месечината, која ќе се користи за тестирање како растат одредени растенија во променети услови.