Дали на помладите од 16 години треба да им се забрани пристап на социјалните мрежи? Оваа напредна европска земја наголемо размислува за тоа, САД веќе започнаа

Точка

15/04/2024

17:34

5.593

Големина на фонт

а а а

58% од родителите на деца на училишна возраст сметаат дека паметните телефони треба да бидат забранети за помлади од 16 години.

Британскиот премиер Риши Сунак размислува за воведување нови правила кои би можеле да го ограничат пристапот до социјалните мрежи за лицата под 16 години и да им забранат купување на паметни телефони во Велика Британија. Официјалните предлози се очекува да бидат објавени наскоро, пишува „The Mirror“.


Во моментов, децата можат да креираат профили на повеќето платформи на возраст од 13 години, но родителите ќе бидат повикани да дадат свое мислење за тоа дали границата треба да се зголеми на 16 години. Дополнително, се разгледува и можноста да се забрани купувањето на паметни телефони за млади помлади од 16 години, иако родителите сепак нема да бидат спречени да ги купат за своите деца.

Според неодамнешната анкета на фондацијата „Parentkind“, 58% од родителите на деца на училишна возраст мислат дека паметните телефони треба да бидат забранети за помлади од 16 години. Министерството ќе ја истражува и можноста за воведување безбедносни механизми кои ќе им овозможат на родителите надзор над користењето на социјалните мрежи од страна на нивните деца до одредена возраст.

Ваквите предлози доаѓаат откако Естер Геј, мајка на убиената тинејџерка Бријана Геј, изразила загриженост за влијанието на „темната мрежа“ врз еден од убијците на нејзината ќерка. Таа се залага за забрана на пристап до социјалните мрежи за деца под 16 години, како и креирање специјализирани телефони приспособени за деца.


„Децата постари од 16 години би можеле да користат телефони за возрасни, додека помладите би имале телефони приспособени за деца, кои нема да ги имаат апликациите за социјални мрежи кои се достапни сега“, изјавила таа за „BBC“.

Во март, Флорида усвои закон со кој од следната година ќе им забрани на децата помлади од 14 години да се приклучуваат на социјалните мрежи, додека оние на возраст меѓу 14 и 15 години ќе треба да добијат согласност од родителите.

Од тамошното Министерство за наука, иновации и технологија порачуваат: „Не коментираме шпекулации. Нашата посветеност да ја направиме Велика Британија најбезбедно место за деца на интернет е непоколеблива, што го потврдува нашиот светски познат Закон за онлајн безбедност“.



Спонзорирани линкови

Маркетинг