Ова дете во 4 дена ги шокираше Вембли и Бернабе! Перез го посети во соблекувалната и порача: „Те чекаме“

Точка

27/03/2024

11:45

2.324

Големина на фонт

а а а

Ендрик, со целосно име Ендрик Фелипе Мореира де Соуса, пред три дена со само 17 години и 246 дена постигна гол за историја на Вембли и репрезентацијата на Бразил, а со самото тоа и на светскиот фудбал. Во 71-ва минута од пријателскиот натпревар меѓу Англија и Бразил младиот напаѓач влезе во игра при резултат 0-0.

Девет минути подоцна го постигна победничкиот гол, единствен на натпреварот. Така стана најмладиот стрелец на митскиот стадион. Освен тоа, стана најмлад стрелец во историјата на Бразил уште од Роналдо, кој во тоа успеал на 4-ти мај 1994-та во пријателскиот натпревар против Исланд. Роналдо тогаш имал 17 години и 224 дена. Но, тоа што ги поврзува напаѓачите е тоа што младиот Бразилец го замолкна Вембли на 23-ти март, точно 30 години од дебито на Роналдо за Бразил против Аргентина.

„Нема да лажам, мислев само на тоа како да постигнам тука гол“

Ендрик во дебито против Колумбија доби 8 минути, па 18 против Аргентина и потоа 20 минути против Англија. По натпреварот бил многу возбуден и горд: „Заиграв на стадионот на кој играл Боби Чарлтон, дадов гол на денот на дебито на Роналдо. Двете работи ми се многу важни. Нема да лажам, мислев само на тоа како тука да дадам гол. Тоа е единствено чувство. Морам да ви признаам, но играв на ФИФА во „Career Mode“ и првиот натпревар за Бразил ми беше на Вембли и дадов гол. Постојано мислев на тоа и потоа во вистинскиот живот заиграв тука и постигнав гол“.

Три дена подоцна постигна гол на друг митски стадион

Ендрик веќе има 65 настапи, 18 голови и две шампионски титули со великанот Палмеирас, но од 21-ви јули, поточно неговиот 18-ти роденден, ќе стане играч на Реал. Трансферот вреден 45 милиони евра е веќе договорен.

Ендрик сè уште „не дошол на себе“ по голот на Вембли, а веќе постигна уште еден на друг митски стадион. Три дена по натпреварот кај Англија, Бразил гостуваше кај Шпанија на Сантијаго Бернабе. Овој спектакуларен натпревар заврши 3-3, а еден гол за Бразил постигна Ендрик. И тоа повторно по влегување од клупа, само што овој гол беше многу поубав од тој во Лондон. На 13 метри откосо од десната страна ја дочекал одбиената топка по корнерот и со волеј-удар со лева нога ја заби топката во спротивниот агол. Така, на најдобар начин се претстави на стадионот на кој доаѓа за три месеци.

Претседателот на Реал дошол да му се поклони на детето кое може да му биде внук

По натпреварот на стадионот на Реал дошол да му честита и претседателот на Кралскиот клуб, кој за кратко ќе стане негов „работодавец“. Флорентино Перез влегол во соблекувалната на Бразил, го прегрнал играчот на кој може да му биде дедо и му кажал: „Сите тука те чекаме“.



Спонзорирани линкови

Маркетинг