Ковачевски го бранеше Николовски: Трипуновски е од партија што смета дека вино се прави од стиропор, а ние докажавме дека се прави од грозје

Макфакс

05/03/2024

15:16

1.045

Големина на фонт

а а а

Министерот за земјоделство Љупчо Николовски денес од винарија во Трубарево, повеќе од половина час се оправдуваше за распределбата на 2,5 милиона евра на мали винарии по вчерашното обвинување од дополнителниот заменик-министер Цветан Трипуновски, дека направил упад во системот со програмите и ги поделил без никаква контрола.

Николовски безброј пати повтори дека распределбата не била селективна, немало рангирање туку добиле сите кои ги исполнувале условите и токму како резултат на програмите за две години се регистрирани 174 нови македонски винарии.

„Ние се гордееме со овие програми заради тоа што гледате што е препознатливо во државата. Сите знаат. Од небото се гледа за 67-те винарии кои денес јасно, со име и презиме го посочија токму тој кој што се обидува да ги кочи и да ги блокира, не само законите, сега сака да ги кочи и да ги оспорува програмите. Токму македонските винарии станаа брендот по кој ние сме препознаени насекаде. Таму нема делби и селекции. Има само еден кој што нема добиено. Еден. Тој е зад мене, раководител е на секторот и неговото семејство на првиот оглас, но и сега, нема добиено грант. Не знам од каде е таа храброст да се употребуваат имиња без никаква аргументација. Да од морални од етички причини нема добиено поддршка за грант, но имаат добиено сите други“, рече министерот Никловски.

Доведувањето во прашање на програмите, според Николовски, е напад не само врз него туку и обид да се атакува врз сите кои добиле грнтови од 10.000 евра и веќе развиле успешни бизниси.

„Јас не ја сфаќам логиката да се свртите против многу жени кои добија грантови, кои ги произведуваат најубавите традиционални производи кои што сите можеа да ги пробаат на вториот и на првиот национален саем во Скопје. Да се свртите против младите кои преку овој грант ги привлекуваме да останат тука и дома и на сите овие винарии кои се нашироко познати“, рече министерот Николовски.

Додека министерот зборуваше, лидерот на СДСМ и експремиер, Димитар Ковачевски, стоеше зад него, но не издржа да молчи па застана пред камерите да му помогне.

„Има една разлика, ќе ти помогнам, што Трипуновски претставува политичка партија која докажала и покажала дека смета дека вино се прави од стиропор. Ние докажавме и покажавме дека вино се прави од грозје. Тоа е разликата“, рече Ковачевски.

И министерот и експремиерот кажаа дека Македонија е на 13 место во светот по извоз на вино, а минатата недела токму малите семејни винарии се организирале и направиле извоз во Австралија, Нов, Зеланд и Бразил.



Спонзорирани линкови

Маркетинг