Лавров: Русија ќе распореди дополнително оружје како одговор на проширувањето на НАТО

Макфакс

02/03/2024

16:08

1.987

Големина на фонт

а а а

Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров денеска во Анталија изјави дека Русија ќе распореди дополнително оружје во новоформираните воени окрузи во Москва и Ленинград како одговор на влезот на Финска и Шведска во НАТО.

„Веќе донесовме организациски одлуки, беа формирани Московскиот воен округ и Ленинградскиот воен округ. Таму ќе биде распоредено дополнително оружје кое ќе биде адекватно на предизвиците што може да се појават на територијата на Финска и Шведска“, нагласи Лавров на прес-конференцијата.

Според него, со влезот на Финска и Шведска во НАТО, пропаднале децениските добрососедски односи меѓу тие земји и Русија, пренесе РИА Новости.

Лавров, говорејќи за немирите во Појасот Газа, истакна дека Израел се уште не ја променил целта целосно да ја исчисти таа палестинска енклава од членовите на Хамас.

Лавров изјави дека пред муслиманскиот празник Рамазан, Израел се подготвува да започне воена операција во градот Рафах, каде се наоѓаат околу две третини од жителите на Појасот Газа, од кои повеќето избегале од борбите во другите делови на енклава.

Лавров посочи дека во случај на израелски напад, голем број Палестинци ќе заминат во Египет, што, како што наведе, во суштина би било „етничко чистење“.

По завршувањето на Дипломатскиот форум во Анталија, Лавров истакна дека идејата на САД и на голем број западни земји да ја прогласат Палестина за членка на Обединетите нации нема сама да го реши конфликтот на Блискиот Исток.



Спонзорирани линкови

Маркетинг