Почина Ајрис Апфел, модна икона и најстарата инфлуенсерка на светот – имаше 102 години

Точка

02/03/2024

10:00

5.284

Големина на фонт

а а а

Ајрис Апфел, експертка за текстил, дизајнерка на ентериер, модна икона и најстарата инфлуенсерка позната по својот ексцентричен стил, почина на 102-годишна возраст.

Како што пишува „HuffPost“, нејзината смрт е потврдена од страна на нејзиниот комерцијален агент Лори Сејл.

Апфел минатата година го прослави својот 102-ри роденден. Родена на 29-ти август 1921 година, таа беше позната по својата неконвенционална, впечатлива облека, мешајќи ја високата мода со големите парчиња костимска бижутерија.

Класичниот изглед на Апфел, на пример, би комбинирал пердуви со низа крупни бисери, нараквици и јакна украсена со мониста од американските староседелци.

Со големите, тркалезни, црни очила, светло црвениот кармин и кратката бела коса, таа се истакнуваше на секој моден настан на кој присуствуваше. Нејзиниот стил беше предмет на музејски изложби и документарниот филм „Iris“, во режија на Алберт Мејслс.

„Не сум убава, и никогаш нема да бидам убава, но тоа не е важно“, рече таа еднаш. „Имам нешто многу подобро. Имам стил“.

Апфел уживаше во подоцнежната слава на социјалните мрежи, собирајќи речиси 3 милиони следбеници на Инстаграм, каде што нејзиниот профил декларира: „Повеќе е повеќе, а помалку е здодевно“.

На ТикТок таа привлече 215.000 следбеници додека мудро расправаше за модата и стилот и ги промовираше неодамнешните соработки.

Работела за 9 американски претседатели

Во однос на дизајнот на ентериер, Ајрис работела во Белата куќа за дури 9 американски претседатели - Хари Труман, Двајт Ајзенхауер, Џон Ф. Кенеди, Линдон Џонсон, Ричард Никсон, Џералд Форд, Џими Картер, Роналд Реган и Бил Клинтон. Тие, како што изјави во една прилика, биле нејзините најлесни клиенти.

„Секој, но баш секој ентериер што го уредивме беше различен од претходниот“, изјави Апфел.

Има своја Барби кукла

Алберт Мејслс сними филм за животот на модната икона во 2014 година наречен „Iris“. Пред 5 години, „Mattel“ направи Барби кукла врз основа на Апфел, со што таа стана најстарата личност по која е направена кукла. На 97-годишна возраст, на повик на Томи Хилфигер, Ајрис стана модел, потпишувајќи договор со агенцијата „IMG“, која ги застапува Жизел Бундшен и Џиџи Хадид.

Ајрис ја носеше титулата најстар инфлуенсер во светот. Нејзините објави ги следат речиси 3 милиони луѓе. Таа ги воодушевуваше своите следбеници со аутфити во кои го спојуваше неспојливото - елементи од различни култури и евтини парчиња со скапи.



Спонзорирани линкови

Маркетинг