Британската осигурителна компанија „MoneySuperMarket“ креирала листа на најмирни градови во светот со создавање на т.н. „индекс на спокојство“ за да ги откриe дестинациите со најмногу и најмалку релаксирачки места.
На листата се нашле 75 градови, а истите биле оценети според различни фактори, вклучувајќи загаденост на воздухот, светлина и бучава, сообраќаен метеж, просечни сончеви часови, како и среќата и љубезноста на локалното население.
Според тоа, кој се смета за најопуштен град во светот? Прв на листата е Рејкјавик. Прекрасната престолнина на Исланд постигнала импресивни 85,5 поени на индексот на спокојство, благодарение на добриот квалитет на воздухот, ниското ниво на загаденост, среќните локални жители и изобилството од зелени површини.
Главниот град на Естонија, Талин, се најде на второто место со 82,3 поени благодарение на неговата тишина и суперефикасната инфраструктура. Трет на листата е Берген, град на западниот брег на Норвешка, кој се карактеризира со чист воздух и најниско ниво на светлосно загадување во целата студија.
Свое место на листата најдоа и дестинации од регионот како Љубљана која е на седмото и Дубровник на десеттото место меѓу најмирните градови во светот.
На другиот крај од ова истражување се местата каде што ретко ќе најдете мир и спокој, а Њујорк е на последното место и се карактеризира како дом на многу атракции, ноќен живот, храна, култни културни жаришта и богата американска историја и како „град кој никогаш не спие“.
Други градови кои постигнаа низок резултат на „индексот на спокојство“ вклучуваат главни туристички дестинации како Истанбул, Лос Анџелес, Марсеј, Филаделфија, Брисел, Венеција, Милано, Неапол и Париз, кои се подобри опции за оние кои бараат забава и „метеж“ на своето патување.
Листата на 10 најмирни градови во светот според ова истражување изгледа вака:
1. Рејкјавик
2. Талин
3. Берген
4. Виена
5. Стокхолм
6. Вилнус
7. Љубљана
8. Минхен
9. Цирих
10. Дубровник