Американците блиску до првото контролирано слетување на Месечината по повеќе од 50 години

Точка

21/02/2024

22:47

16.429

Големина на фонт

а а а

Вселенското летало дизајнирано за слетување на Месечината, кое го изградила компанијата „Intuitive Machines“ со седиште во Хјустон, пристигнало денеска во Месечевата орбита. Првото приватно вселенско летало за таа намена е блиску до првото американско спуштање на природниот сателит на Земјата по повеќе од 50 години.

Лендерот „Nova-C“, познат како „Odysseus“, влегол во седумминутен орбитален маневар во кружната орбита 92 километри над површината на Месечината, објавила компанијата во он-лајн соопштение.

Под претпоставка дека се оди по план, се очекува дека роботското летало постепено ќе се спушта на својата висина во текот на следните 24 часа и утре ќе слета во кратерот Малаперт А во близина на јужниот пол на Месечината, носејќи група научни инструменти на НАСА.


Леталото е лансирано пред шест дена

„Odysseus“ и натаму е во извонредна состојба, рекла компанијата, додавајќи дека во текот на неговата лунарна орбита, на околу 384.000 километри од Земјата, контролорите на мисијата во Хјустон ќе ги следат податоците за летот.

Леталото е лансирано од вселенскиот центар „Кенеди“ на НАСА на Флорида пред шест дена, на 15-ти февруари, на врвот на ракетата „Falcon 9“ која ја направила и со која управувала калифорниската компанија „SpaceX“ на Илон Маск.


Ако слетувањето успее, мисијата „IM-1“ би претставувала првото контролирано спуштање на американско вселенско летало на површината на Месечината од „Apollo 17“, кога последната мисија на НАСА слетала таму во 1972-ра година.

Тоа исто така би го означило и првото „меко“ слетување на Месечината во историјата од страна на комерцијално произведено и управувано возило и прво рамките на лунарната програма „Artemis“.




Спонзорирани линкови

Маркетинг