На 13 февруари, од 19:19 часот, во Културно-информативниот центар, во Салон „Империјал 2“, ќе се промовира најновото прозно дело на истакнатата македонска авторка Виолета Танчева-Златева.
Танчева-Златева досега има објавено пет прозни и девет поетски книги. Застапена е во повеќе домашни и странски антологии, панорами и избори, а нејзиниот нов роман е уште едно во низата дела-бисери на македонската проза.
Промотор на настанот ќе биде Ана Јовковска, научна истражувачка, магистерка по културолошки студии, новинарка, колумнистка и писателка, како и добра познавачка на македонската книжевност.
Според Лидија Димковска, „женскиот принцип во приказната, растргнат меѓу патријархалноста и еманципацијата, е личен и колективен. Бела Сама е и Бела и Сама, впрочем, како толкумина други девојчиња, девојки и жени кои поминуваат покрај нас со своето бреме што можат да го видат само нашите внатрешни очи. Виолета Танчева-Златева на топол хуманистички начин токму ним им дава право на глас и со тоа ни нуди четиво за промислување, за сеќавање, за поддршка и за дејствување.“
Влезот е слободен и поканети се сите пријатели и добронамерници, за да ѝ посакаме официјално добредојде на „Бела Сама“.