Што е подобро за добар сон – мелатонин или магнезиум? Еве што велат експертите

Точка

09/02/2024

17:35

10.318

Големина на фонт

а а а

Понекогаш е тешко да се дојде до сон, поради што некои луѓе одлучуваат да купат суплементи за да се обидат да најдат начини како подобро да се одморат. Иако мелатонинот е едно од најпопуларните средства за спиење, тој не е единствениот.

Додатоците на магнезиум се исто така добри за спиење, а имаат и некои други придобивки. Магнезиумот е минерал кој освен што помага да спиете добро, го регулира шеќерот во крвта и крвниот притисок, ја поддржува функцијата на мускулите и нервите и помага во изградбата на протеини и силни коски.

Како магнезиумот нѝ помага да спиеме подобро?

Магнезиумот го поттикнува сонот на различни начини. Прво, тој создава и стапува во интеракција со ГАБА, невротрансмитер кој е поврзан со спиењето.

„Луѓето кои имаат здраво ниво на магнезиум во телото имаат подобра достапност на невротрансмитери ГАБА кои помагаат при заспивање и за време на спиењето. Покрај тоа, магнезиумот исто така помага да се смири телото бидејќи е вклучен во мускулната активност и може да им помогне на нашите мускули полесно да се релаксираат за време на спиењето, што е исклучително важно за луѓето кои имаат синдром на немирни нозе или грчеви во текот на ноќта“, вели за „Yahoo Life“ д-р Челзи Рохршајб, невролог и експерт за сон.


Покрај тоа, магнезиумот е исто така корисен за менталното здравје бидејќи помага да се намали анксиозноста.

„Поврзаноста помеѓу недостатокот на магнезиум и стресот е докажана. Високото ниво на хроничен стрес го зголемува кортизолот, познат и како хормон на стрес. Кортизолот е многу енергичен и го поттикнува будењето и може да доведе до лош сон и несоница. Земањето магнезиум може да помогне да се намали стресот и да ви помогне да се чувствувате помирни и поспани ноќе“, објаснува д-р Рохршајб.

Земањето магнезиум, исто така, може да помогне во зголемувањето на природните нивоа на мелатонин во телото.

„Клиничките студии докажаа дека ниските нивоа на магнезиум ја намалуваат активноста на областа на мозокот што произведува мелатонин. Затоа, со обезбедување доволно количество на магнезиум во организмот, помагате и да имате доволно количество на мелатонин“, напоменува докторката.

Дали магнезиумот и мелатонинот имаат несакани ефекти?

Двата додатоци може да предизвикаат некои несакани ефекти. Бремените жени, доилките како и оние кои имаат проблеми со бубрезите треба да се консултираат со својот лекар пред да одлучат да ги користат овие додатоци, забележуваат експертите.

Магнезиумот може да предизвика стомачни тегоби, што е знак за намалување на дозата. Земањето премногу магнезиум може да предизвика и потенцијално опасни симптоми, вклучувајќи вкочанетост, низок крвен притисок, неправилно чукање на срцето и мускулна слабост.


Мелатонинот може да предизвика поспаност во текот на денот, како и интензивни соништа, особено ако се зема доцна навечер или премногу блиску до времето на будење. Најчестите несакани ефекти вклучуваат главоболка, вртоглавица и гадење.

Што е подобро за добар сон - магнезиум или мелатонин?

Иако двата додатоци се ефикасни, магнезиумот може да биде подобра долгорочна опција кога станува збор за добар сон.

„И покрај недостатокот на студии, магнезиумот генерално се смета за побезбеден за долготрајна употреба кога се зема според упатствата, што потенцијално нуди поодржливо решение за проблеми со спиењето. Меѓутоа, кога станува збор за луѓе со одредени состојби, како оние со нарушувања на циркадијалниот ритам или постари лица, мелатонинот е подобра опција од магнезиумот“, вели д-р Честер Ву, психијатар и специјалист за спиење.

Магнезиумот е добар ако се зема редовно и долгорочно, додека мелатонинот е добар за периодично користење, за луѓе кои само понекогаш не можат да заспијат, објаснуваат експертите.