Игор Џамбазов кој е човек кој речиси и не крие ништо од приватниот живот, во специјалното божиќно издание на емисијата „Нешто конкретно“, повторно бил искрен за нештата кои му се случуваа во животот.
Познатиот актер и шоумен зборуваше за карактерот, за детали од животот, квалитетите и за делата на неговата колешка и пријателка Весна Петрушевска, а за книгата „Гол човек“ призна дека му ги вратила сите пари што ги изгубил на коцка.
Раскажа и што сè му остана од големата љубов, која ја опиша како филмска.
„Јас имав нешто што во книгите го нема, таква врста на наплив, на љубов, на среќа, на страст… и од сето тоа останаа пар фотографии, неколку поетични размислувања, една песна и спот, но сепак остана нешто и никогаш нема да чуеш од мене лоша работа за таа жена или за таа врска, претпоставувам и од нејзина страна. Нашето беше баш како на филм – ние сме во најголема љубов, ама нема да бидеме заедно“, рече тој.
За себе смета дека е скромен човек и позната личност со најмалку хејтери во Македонија.
„Кога можев да одам на одмор на Малдиви 4 месеца јас одев во Пехчево на рибник, а во Дојран можам да живеам со 500 денари на ден. Тоа е скромност“, раскажа тој.
Најконструктивна критика во животот ја добил од својата мајка која му рекла: „Тоа што луѓето те сакаат и те познаваат на улица не значи дека си добар актер“. Го послушал и советот на својот дедо да не се појавува во телевизиските проекти „Македонски приказни“, а неговиот татко ги избришал броевите на сите автори што не дошле на неговата промоција на книга.
Во продолжение можете да го погледнете целото интервју: