[ВИДЕО] „Отвори, отвори“ – инциденти на протестите во Белград, полицијата фрли солзавец; Вучиќ: Не грижете се, нема во тек никаква револуција

Макфакс

24/12/2023

21:13

5.434

Големина на фонт

а а а

Официјални лица и поддржувачи на листата „Србија против насилството“ вечерва го разбија влезот на Градското собрание на Белград.

Како што јавуваат српските меидуми, со рачка за знаме е скршен влезот во зградата.

На снимките се слуша „Отвори, отвори“.

Полицијата фрли солзавец кон демонстрантите на седмиот протест со барање поништување на изборите во Србија, јавува РСЕ.

Претставниците на опозицијата, како што наведува медиумот, се обиделе да влезат во Собранието на Белград, за да им се обратат на граѓаните од балконот на градското собрание.

Тие ја турнале заклучената врата, а припадниците на полицијата ги спречиле да влезат во градското собрание.

Дел од демонстрантите ги искршија вратите на влезот, а полицијата одговори со солзавец.

На главниот влез во белградското Собрание, еден од полицајците на насобраните им порача дека „насилно влегување не е возможно и дека тоа е кривично дело“.

Толпата извикува „Победа, победа“, „Нема да дадеме победа“ и „Влези, влези“.

Потпретседателот на Демократската партија, Срѓан Миливојевиќ, ја повика полицијата внатре во зградата да го напушти Собранието и да „застане на страната на народот“.

Опозицијата тврди дека владејачката Српска напредна партија ги украла изборите, што власта го негира.

Студентите кои протестираа побараа од претседателот на Србија Александар Вучиќ до денеска да ги исполни нивните барања и порачаа дека во спротивно во понеделник ќе го блокираат цел Белград.

Вучиќ: Борците против насилството се покажаа како вистински насилници

Српскиот претседател, Александар Вучиќ вели дека сцените се драматични пред Градското собрание но ги повика граѓаните да не се грижат.

„Ниту една револуција не е во тек, ништо нема да успее. И ќе се обидеме да не повредиме никого со нежна и смирена реакција“ рече претседателот.

Тој нагласи дека на улиците се собрале околу 2.490 луѓе.

„Во овој момент заедно со оние кои сакаат да влезат во Градското собрание има вкупно околу 1.900 луѓе. Некои вечерва го покажаа своето лице и дека насилството им е единствениот начин да се борат. Со денови кажуваме дека се подготвуваат за ова, бидејќи знаат дека не можат да ја добијат довербата на народот“, посочи Вучиќ.

Тој додава дека биле предупредени и странските набљудувачи кои се правеле наивни.

„Им благодарам на оние странски служби кои ставија до знаење дека знаат што се подготвува, и дадоа информации до нашите служби, за да знаат што точно подготвуваат насилниците. Оние кои се колнат дека ќе се борат против насилството покажаа дека се вистински насилници. Сакаат да ни ги уништат градовите и државата“, истакна Вучиќ.

Тој вели дека добил илјадници повици од цела Србија од луѓе кои сакаат да ја бранат државата и побарал од нив да не го прават тоа.


„Државата е доволно силна и моќна, и ќе ја брани демократијата и изборната волја на граѓаните. И тоа е се што треба да знаете. Бунтовниците и насилниците ќе бидат приведени, а потоа ќе реагираат надлежните државни органи“ рече претседателот на Србија.

Тој вели дека многумина во регионот се радуваат и ја слават „револуцијата“ во Белград.

„Тоа е производ на многу посериозни геополитички околности, во кои се обидуваат да ја урнат автономијата и независноста на Србија. Ќе ја зачуваме слободата на Србија, бидејќи тоа е највисоката вредност. Ние ќе ја браниме нашата Србија, само ве молам да го задржите мирот. Бидете мирни, земјата е безбедна и нема да дозволиме да ја уништат државата. Да живее Србија, да живее слободата!“, рече Вучиќ.

Претходно група демонстранти и претставници на листата „Србија против насилството“ го разбија стаклото на влезната врата на градското собрание, а полицијата ги растера со солзавец.

Во Србија со денови „Србија против насилството“ протестира, тврдејќи дека Српска напредна партија ги украла изборите, што власта го негира.