„Трошки за здруженијата на граѓани во општинските буџети“, истражување на Центарот за граѓански комуникации

Макфакс

20/12/2023

10:53

742

Големина на фонт

а а а

Центарот за граѓански комуникации денес го објави истражувањето – „Трошки за здруженија на граѓаните во општинските буџети“.

Истражувањето открива дека општините преку буџетската ставка 463 – наречена „Трансфери до невладини организации“ во 2022 година доделиле 6,6 милиони евра. Притоа, над 90 % од парите се доделени на спортските клубови, кои се миленици на локалните власти и во одредени општини добивале и по еден милион евра годишно, велат од ЦГК.

Како што објавуваат од ЦГК, истражувањето ги покажало следниве клучни наоди:

• Здруженијата на граѓани и фондации не ја добиваат потребната финансиска поддршка од општинските буџети. Во просек, општините во 2022 година доделиле за здруженијата на граѓани само 0,1 % од своите буџети.

• Со исплатите на средства кон професионалните спортски клубови преку буџетската ставка 463 – Трансфери на невладини организации се создава искривена слика дека поддршката на здруженијата на локално ниво е поголема од реалното.

• Просечната вредност на доделените средства за здруженија на граѓани од општините во 2022 година изнесува скромни 75 илјади денари, а за спортските клубови шест ипол пати повеќе односно просечно по 488 илјади денари.

• Најголем дел од парите што се доделени за НВО се за проекти од областа на социјалната заштита, по што следат проекти од областа од културата и на животната средина. Речиси и да нема проекти од областа на доброто владеење, со што се оневозможува здруженијата на граѓани да дадат придонес во борбата против корупцијата и кон зголемување на транспарентноста и отчетноста на локалните власти.

• Јавните повици за доделување финансиска поддршка за НВО се објавуваат на веб-страниците на општините. Но, во нив, најчесто, не се наведени целите на повикот, висината на средствата, ниту критериумите за избор на предлог-проектите.

• Поголем дел од општините не ги објавуваат јавно имињата на организациите кои добиле буџетска поддршка, ниту износот на доделените средства и нивната намена. А, не се бараат од примателите на средствата ниту да доставуваат извештаи за реализацијата на проектите. Со овој пристап општините не овозожуваат транспарентен и фер пристап до средствата, како и увид во начинот на кои тие се трошат – со што се отвора простор за злоупотреби и корупција.