Пред нас е големиот празник Свети Никола кој е посен бидејќи паѓа среде Божиќниот пост, затоа ви претставуваме рецепт за едно посно славско предјадење.
За да направите совршено предјадење, посна мимоза салата, ви се потребни:
- 300 гр. посен мајонез
- 2 моркови
- 2 мали компири
- 7-8 кисели краставички
- 5 лажици конзервирана пченка
- 160 гр. туна на парчиња
- 1 лажичка сол
- 2 лажици потпечен сусам
Подготовка:
Измијте ги и излупете ги морковите и компирите, па ставете ги во вода со лажичка сол да се варат околу половина час. Сварениот зеленчук исцедете го од водата и оставете го да се излади околу 15 минути.
На дното од садот ставете малку мајонез, а потоа изрендајте го морковот во слој од 1 центиметар, па премачкајте го со мајонез. Секој слој мајонез можете да го посипете со малку сусам.
Следниот слој е пченка, па повторно мајонез и сусам. На следниот слој ставете кисели краставички. Изрендајте ги на ситно ренде, исцедете ги од водата па додајте ги во салатата. Премачкајте со мајонез и посипете со сусам.
Туната на парчиња добро исцедете ја од маслото, растурете ја со вилушка, па додајте ја на салатата, натапкајте и премачкајте со мајонез. Посипете со сусам. Како последен слој ставете ситно изрендан компир. Изрендајте го директно на салатата, натапкајте го со вилушка и повторно наросете сусам.