„Го обожавам мојот роден Белград, но Барса ме маѓепса – со својот јазик, култура, историја, уникатната сина боја на небото, морето, палмите, храната, виното и опуштена атмосфера каква што досега не сум почувствувала никаде“.
Вака го започнува својот патопис од прекрасниот град во Шпанија Бранка Бужиќ.
„Барселона и љубов на прв поглед. Бајка. Градот кој за миг го освои моето срце, ми ги исполни очите и душата. По само пет дена во престолнината на Каталонија, можам само да кажам дека ова е местото од моите соништа! Ми се чини дека овде и за 90 минути дури и фудбалот би го засакала.“
„Барселона веројатно ја има една од најразвиените мрежи за јавен превоз во Европа и метро каде никогаш не треба да чекате повеќе од три до пет минути, но јас би им препорачала на сите да одат пеш како би ги запознале сите величествени архитектонски достигнувања. Би било штета да пропуштите било кој парк, плоштад, зграда – сите тие бројни уметнички дела на отворено.“
„Антонио Гауди, секако, е најзаслужен за тоа што модерната Барса успеа да го задржи својот романтичен дух, а сета негова креативна генијалност се одразува во неговите најзначајни дела. Почнувам од самиот центар, од Ла Педрера, познатата куќа со многу кривини кои потсетуваат на бранови, а по својата убавина се издвојуваат балконите од ковано железо во облик на алги.
Во соседството се издвојува куќата Батљо, фантастична вила со импресивен изглед, со уште една необична фасада. Впечатокот на град населен со џуџиња најдобро е прикажан во паркот Гуел со фасцинантен поглед на градот.
За крај го оставам симболот на Барселона – возбудливата и мистична црква Саграда Фамилија, капитално дело на Гауди, која се гради од 1882 година и над чии врвови се издигаат кранови и денес.“
„И по враќањето во Белград, продолжувам да фантазирам за живот во Барселона. Тие 2.000 километри оддалеченост некако ги надминувам со прошетката низ Кнез Михаилова, барајќи барем парче од најпознатата шпанска променада Ла Рамбл и се качувам на Калемегдан, надевајќи се дека ќе ја здогледам најдолгата клупа на светот од Паркот Гуел.“
„Убедена сум – кој еднаш ќе ја посети Барселона, засекогаш ќе живее во неа. Па макар само во имагинацијата.“, го завршила таа својот патопис.