Исчезнатата Вања последен пат забележана кај „Броз кафе“ од каде и се губи трагата; „Како родители мислиме само на најлошото“, вели мајката

Макфакс

28/11/2023

10:54

33.271

Големина на фонт

а а а

МВР интензивно трага по 14-годишната Вања Ѓорчевска од Скопје откако вчера во 08.35 часот нејзината мајка пријавила дека е исчезната.

Мајката на исчезнатото девојче, за „Макфакс“ раскажува дека и таа и полицијата го прегледувале нејзиниот компјутер, но дека не пронашле ништо.

Ѓорчевска појаснува дека полицијата ги прегледувала и камерите и сите достапни материјали и докази што би можеле да помогнат во пронаоѓање на исчезнатата Вања.

Мајката реагира на написите и коментарите на јавноста кои упатуваат критики за работата на полицијата.

„Морав да реагирам, затоа што полицијата активно работи на пронаоѓање на нашата Вања. Сите инспектори се вклучени, сите работат. Јас синоќа до три часот после полноќ бев во полициската станица „Беко“ и сите беа вклучени во потрагата. Вклучени сме сите, и полицијата, и роднини и пријатели и другарчињата. Сега излепивме и постери со ликот на Вања во Центар за полесно пронаоѓање“, раскажува мајката.


Телефонот на Вања, како што додава и натаму е исклучен.

„Вања излезе вчера утрото во 07 часот и 20 минути а јас излегов по неа во 07 часот и 40 минути. По кратко време ми се јави нејзината класна и ми кажа дека Вања не е на училиште. Јас веднаш ја побарав но беше недостапна, телефонот и беше исклучен. Проверив на „Гугл Мапс“ и видов дека последно е регистрирана во близина на „Броз кафе“ на Партизанска“, појаснува таа.

Вели дека Вања била весела вечерта пред настанот, и дека ништо не наведувало дека нешто такво може да се случи.

„Вечерта беше весела, весела си отиде на училиште, не сме се расправале, отворено си разговараме за се. Ги распрашав сите нејзини другарчиња. Тие доаѓаа и претходно тука, се дружеа, си седеа. Но никој вчера не ја видел Вања во училиште“, кажува мајката.

„Како родители мислиме само на најлошто. Надлежните ни велат дека досега не памтат сличен ваков случај“, додава Ѓорчевска.

МВР апелира да не се шират дезинформации, и дека постојано ќе ја информира јавноста се до пронаоѓање на малолетничката.