Атлетико Мадрид ќе бара заверка на осминафинале во Лигата на шампионите на тешкото гостување во Ротердам, а Чоло Симеоне ќе има дополнителен мотив за победа против Феенорд.
Аргентинскиот стручњак го врати Атлетико на европската мапа и направи „душекџиите“ да стекнат континуитет во Лигата на шампионите, па успесите во изминатата деценија го доведоа во ситуација да биде дел од избрано друштво.
Симеоне утре по 100-ти пат ќе го води Атлетико на еден меч во Лигата на шампионите, бројка која претходно во еден клуб ја имаат достигнато само легендарниот Алекс Фергусон и Арсен Венгер.
– Го очекувам најдоброто за овој убав јубилеј. Горд сум што го водам Атлетико на 100 натпревари на највисоко можно ниво.
– Тоа значи дека тимот одиграл 100 натпревари во Лигата на шампионите откако сум тука, а со тоа направивме клубот да расте на светско ниво. Се надеваме дека така ќе продолжиме, – изјави Симеоне кој неодамна се обврза на верност со Атлетико до 2027-ма година.