Градот Берлин планира да тестира магнетно-левитациски (маглев) воз на рута долга пет километри, според наводите на претседателот на фракцијата на Христијанските демократи (CDU) во градското собрание Дирк Стетнер.
Се очекува лебдечкиот воз да биде поевтин и дека изградбата на пругата ќе трае пократко отколку што би траела изградбата на нова подземна железничка линија, рекол службеникот на берлински „CDU“.
Освен тоа, интересна е информацијата, посебно со оглед на хроничниот недостиг на работници во берлинското претпријатие за јавен превоз „BVG“, дека „маглев“ ќе вози без возач, нагласил Стетнер.
Берлинските медиуми пишуваат дека социјалдемократите на канцеларот Олаф Шолц го прифатиле тој план.
Градбата на пробната пруга според Стетнер ќе чини 80 до 85 милиони евра, а ќе се финансира од посебен, пет милијарди евра вреден фонд за проекти кој би требало да ги ублажи климатските промени.
Службеникот на „CDU“ не навел детали за трасата, а не е познато ни кога би требало да почне изградбата.
Западен Берлин од 1984-та до 1991-ва година имал кратка линија за магнетни возови „M-Bahn“, која во почетната фаза била пробен проект, а потоа накратко била вклучена во редовниот сообраќај. По повторното обединување на Германија, проектот бил напуштен, нагласува агенцијата „dpa“.