Гутереш „ужаснат“ од нападот врз конвој на брзата помош во Газа: Не заборавив на нападите од Хамас ама ова мора да престане

Макфакс

04/11/2023

09:50

1.414

Големина на фонт

а а а

Генералниот секретар на ОН е „згрозен од нападот“ на израелските сили врз конвојот амбулантни возила во Газа во петокот, се вели во соопштение, и се нагласува дека конфликтот „мора да престане“.

Палестинската Црвена полумесечина соопшти дека едно од нивните амбулантни возила било погодено од „проектил испукан од израелските сили“ на само неколку метри од влезот во болница во градот Газа, во напад, според кој, загинале 15 лица, а повеќе од 60 се ранети.

„Згрозен сум од пријавениот напад во Газа врз конвој на брза помош пред болницата Ал Шифа. Фотографиите на тела на улицата надвор од болницата се шокантни“, наведе Антонио Гутереш во соопштението.

Израелската војска соопшти дека извршила воздушен напад врз „возило за брза помош, идентификувано од силите дека се користи од терористичка ќелија на Хамас во непосредна близина на нивната позиција во борбената зона“.

Инсистирајќи дека „не ги заборавил терористичките напади извршени од Хамас во Израел“, шефот на ОН додаде дека „речиси еден месец, цивилите во Газа, вклучително и деца и жени, се опколени, не им се дава помош, се убиваат и се протерани од нивните домови.

„Ова мора да престане…Хуманитарната ситуација во Газа е ужасна“, рече тој.

„Нема доволно храна, вода и лекови, додека горивото за напојување на болниците и постројките за вода е при крај, предупреди тој.

„Засолништата на ОН во Газа „имаат речиси четири пати поголем капацитет и се бомбардирани“, продолжи Гутереш.

“Мртовечниците се полни. Продавниците се празни. Санитарната состојба е катастрофална. Гледаме зголемување на болестите и респираторните заболувања, особено кај децата. Целото население е трауматизирано. Никаде не е безбедно”, рече тој.

Гутереш повторно повика на прекин на огнот и ослободување на заложниците кои ги држи Хамас во нападот на 7 октомври.