Реакција од Кремљ за уништувањето на Северен тек: Не знаеме од каде му се информациите на новинарот Херш, но се поклопуваат со нашите

Точка

27/09/2023

19:14

4.058

Големина на фонт

а а а

Терористичкиот акт на гасоводите Северен тек на овој или оној начин ги организирале Соединетите Американски Држави и Велика Британија, рекол портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.

Американскиот новинар Симор Херш, добитник на Пулицерова награда, кој се занимава со истрага за диверзиите на гасоводите, вчера, повикувајќи се на неименуван службеник, на својот блог објави дека администрацијата на Бајден донела одлука за уништување на гасоводите стравувајќи дека ќе изгуби влијание на Германија и Западна Европа поради испорака на евтин гас од Русија.

Херш исто така навел дека никакви важни информации за оваа мисија не биле внесени во компјутер, и дека американските власти ги скриле трагите од учеството на Американците во нападот на Северен тек.

„Тука не е важно кој и што внесувал во компјутер, туку е важно дека, дефакто, овој терористички акт против критично важна енергетска инфраструктура, која меѓу другото припаѓа на меѓународна заедничка компанија, на овој или оној начин, го организирале САД и Велика Британија. Тие на овој или оној начин се вмешани во овој терористички акт“, истакнал Песков пред новинарите.


Информациите на Херш се поклопуваат со руските

Според неговите зборови, информациите на американскиот новинар Симор Херш за диверзијата на гасоводите во основа се поклопуваат со оние кои ги имаат и руските специјални служби.

„Не знаеме кои се изворите на господин Херш, но информациите кои тој ги објави во секој случај се поклопуваат со податоците кои ги имаат нашите специјални служби“, нагласил Песков.

Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи Марија Захарова оценила дека американската администрација е должна да одговори на наводите од истрагата на американскиот новинар за нападите на гасоводите Северен тек.


Експлозиите на гасоводите „Северен тек 1“ и „Северен тек 2“ се случија истовремено на 26-ти септември минатата година. Германија, Данска и Шведска не ја исклучиле можноста дека станува збор за намерна диверзија, а Генералното обвинителство на Русија започнало кривична постапка поради меѓународен тероризам.

Операторот на гасоводот, компанијата „Nord Stream AG“ соопшти дека штетата на гасоводите е без преседан и дека е невозможно да се процени кога таа би била санирана.




Спонзорирани линкови

Маркетинг