Пенов: Над 75 милиони денари за развојни проекти во Боговиње

Макфакс

21/09/2023

14:12

944

Големина на фонт

а а а

Секогаш треба да се има предвид дека финансиска поддршка може да се обезбеди само доколку има добро изработен проект, со комплетна проектна документација и со проект што ќе биде корисен за граѓаните, рече министерот за локална самоуправа, Ристо Пенов, на денешната посета на општина Боговиње.

„Подобрувањето на патната инфраструктура ја олеснува комуникацијата и отвора поголеми можности за развој на општината, но и на целиот регион. Проектот за изградба на локален пат од Палчиште го финансира Министерството за локална самоуправа преку Програмата за намалување на диспаритетите, со цел да им помогнеме и на помалите општини да реализираат инфраструктурни проекти, кои се важни за општината и за граѓаните. Вредноста на проектот е 14,4 милиони денари и во целост средствата ги обезбедува Министерството за локална самоуправа. Позитивно се оценети и во фаза на одобрување се и другите проекти“, истакна Пенов.

Како што вели тој, со регионален проект ќе се подобрува енергетската ефикасност со користење обновливи извори на енергија преку поставување фотоволтаици – вкупната вредност на проектот е 24 милиони денари, а се планира и урбана трансформација на Полошкиот Регион со воведување е-услуги, што ќе ја олесни работата на администрацијата, но и ќе го олесни пристапот до услугите на граѓаните, во вредност од 13 милиони денари.

„Општината има проект и за развој на селата, за одведување атмосферски води во селото Пирок во вредност од 13,5 милиони денари, како и за развој на специфичните подрачја, со реконструкција на пат во селото Пирок, во вредност од 11,6 милиони денари. Финансиската поддршка на проекти од страна на Министерството за локална самоуправа и од Бирото за регионален развој зависи и од подготвеноста на општината. Важно е општините да имаат готови и добри проекти, со кои ќе аплицираат“, заклучи министерот.