Уделот на БРИКС во светскиот БДП ќе достигне 30 проценти по проширувањето

Точка

04/09/2023

22:59

3.105

Големина на фонт

а а а

Уделот на земјите од БРИКС – Бразил, Русија, Индија, Кина и Јужноафриканската Република – во светскиот БДП ќе достигне 30 проценти во јануари кога во тој формат ќе се приклучат уште шест земји, покажува истражувањето на Државната банка на Индија.

На почетокот на јануари во БРИКС ќе се приклучат Аргентина, Египет, Етиопија, Иран, Саудиска Арабија и Обединетите Арапски Емирати. Нивниот вкупен удел во светската економија е околу шест проценти.

Кога станува збор за БРИКС, економски доминира Кина, која сочинува околу 70 отсто од вкупниот БДП од тој формат. Следува Индија со 13 отсто, Русија со осум, Бразил со седум и Јужна Африка со два отсто од вкупниот БДП.


Кога шест нови членки ќе се приклучат на БРИКС на почетокот на следната година, Саудиска Арабија ќе претставува околу четири отсто од БДП од тој формат, Обединетите Арапски Емирати, Египет и Аргентина околу два отсто и Иран околу еден отсто.

Уделот на Етиопија во вкупниот БДП на БРИКС ќе биде занемарлив, покажува истражувањето на индиските банки.


Проширувањето на тој формат најмногу ќе се почувствува на полето на производството на нафта, бидејќи уделот на земјите од БРИКС во тој сектор ќе скокне од 18 на 40 отсто.

Учеството на БРИКС во глобалната трговија со стоки ќе се зголеми од 20 на 25 отсто, а учеството на глобалната трговија со услуги од 12 на 15 отсто, објави банката, додавајќи дека нивното учество во светските девизни резерви ќе се зголеми на 45 отсто.


Со додавање на шест нови членови во групата БРИКС, таа ќе опфати 46 отсто од светското население во 2024 година.

Одлуката за пристапување на Аргентина, Египет, Етиопија, Иран, Саудиска Арабија и Обединетите Арапски Емирати во БРИКС, донесена на самитот на таа организација во Јоханесбург, ќе стапи на сила на 1 јануари 2024 година.