Витаминот Б6 е многу важен за здравјето. Тој помага во производството на црвени крвни зрнца, ја претвора храната што ја консумираме во енергија и придонесува за подобрување на расположението.
Во комбинација со други витамини и минерали, ја поддржува функцијата на црниот дроб, крвните клетки, кожата, очите и нервниот систем. Како што пишува „Healthline“, витаминот Б6 исто така го зајакнува нашиот имунитет, со што нè штити од потенцијални болести и инфекции.
Од друга страна, доколку нѝ недостасува овој витамин, може да настанат сериозни здравствени проблеми, поради што е неопходно да се реагира уште на првите симптоми. За среќа, постојат неколку знаци кои јасно покажуваат дека можеби страдаме од недостаток на витамин Б6. Тоа го подразбира следново:
- чешање на кожата
- црвенило на кожата
- нагли промени во расположението
- конфузија
- болка во мускулите
- рани во устата и околу усните
- испукани усни
- недостаток на енергија, летаргија
- главоболки
- трнење во рацете и нозете
Во случај недостатокот на овој важен витамин да не се препознае на време, експертите предупредуваат дека може да се појават невролошки нарушувања како Паркинсонова или Алцхајмерова болест, хронична депресија, разни кожни проблеми, опаѓање на косата и нарушувања на крвта.