Постојат безброј сеќавања од детството кои ни ја топлат душата кога со насмевка ќе се сетиме на нив. Тие неделни утра, каде што со сласт уживавме во појадоците кои ги подготвуваа нашите баби, дефинитивно се дел од нив. А секако, домашните мекици се можеби на прво место од долгата листа.
Состојки
400мл млака вода
10 грама сув квасец
500 грама бело пченично брашно
1 лажичка сол
Масло
Квасецот растворете го во млака вода и добро промешајте. Оставете го квасецот на страна, па во длабок сад истурете го брашното, додајте сол, измешајте, а потоа додајте го квасецот. Се замесува тесто и добро се меси.
Покријте го со фолија и оставете го да отстои околу 10 минути, па повторно премесете го тестото и оставете го да отстои уште половина час.
Истурете го маслото во тавата и оставете да се загрее. Ставете чепкалка во маслото (тоа е трикот, за да не прегори). Премачкајте ги рацете со масло, а потоа со нив формирајте мекици и ставете ги во тавата да се пржат.
Пржете ги околу 3-4 минути од двете страни, додека не поруменат. Извадете ги во чинија обложена со салфетка.