Нова министерска тројка од ЕУ ќе допатува во Македонија за да разговара за уставните измени

Макфакс

17/07/2023

09:47

1.181

Големина на фонт

а а а

Министри од Франција, Германија и Полска ќе допатуваат во посета на земјава за да разговараат за забрзување на евроинтегративниот процес на Македонија.

Како што соопштија од кабинетот на вицепремирот за европски прашања Бојан Маричиќ, во посета доаѓа т.н. „Вајмарска тројка“, односно Лоранс Бун, државна секретарка задолжена за Европа при Советот на министри на Република Франција, Ана Лирман, министерка за Европа и клима на Сојузна Република Германија и министерот за Европска Унија на Република Полска, Шимон Шинковски вел Сенк, и ќе престојуваат два дена во Скопје.

Маричиќ и министрите, како што е соопштено, ќе разговараат за преговорите со ЕУ, со фокус на исполнувањето на обврските и задачите кои произлегуваат од преговарачката рамка и забрзувањето на евроинтеграцискиот процес, по што ќе следуваат изјави на заедничка прес-конференција.

Во рамки на посетата „Вајмарската тројка“ ќе се сретне и со претседателот на Владата, Димитар Ковачевски, со претседателот, Стево Пендаровски и со претседателот на македонското Собрание Талат Џафери и координаторите на пратеничките групи.

Во вторник министерка за Европа и за клима на Сојузна Република Германија, Ана Лирман, ќе учествува на настанот на тема: „Подготовка за проширување на ЕУ“, кој го организира Секретаријатот за европски прашања, во соработка со Институтот за европска политика (ЕПИ).

Ова е втора министерска тројка што за помалку од една недела доаѓа во Скопје. Минатата недела во Македонија беа министрите за надворешни работи на Австрија – Александар Шаленберг, Чешка – Јан Липавски и Словачка – Мирослав Влаховски. Порачаа дека без уставните измени се неопходни за Македонија да остане на траката за ЕУ.



Спонзорирани линкови

Маркетинг