Министерството за одбрана и Владата се најтранспарентни, општина Арачиново последна на листата според Индексот на транспарентност

Макфакс

10/07/2023

12:01

957

Големина на фонт

а а а

Просечната активна транспарентност на министерствата, на Владата и на општините за 2023 година изнесува 76 % (од максимално можни 100 %) и во однос на лани е подобрена само за 3 процентни поени (од 73 % на 76 %), покажува анализата на Центарот за граѓански комуникации (ЦГК), во редовното годишно рангирање на институциите според Индексот на активна транспарентност.

Својата активна транспарентност годинава ја подобриле 54 % од институциите, за разлика од лани кога се подобриле 81 % од институциите.


Активната транспарентност на министерствата и Владата изнесува 86 %, а на општините 74 %. За разлика од лани, министерствата се подобриле за нецел процентен поен, а општините за 4.

Како и лани и годинава, само две институции, Министерството за одбрана и Владата, имаат по максимални 100 %, односно ги објавуваат сите предвидени информации од активната транспарентност.

Две општини, Велес и Гевгелија, се наоѓаат на третата позиција, со високи 99 % исполнетост на обврските за објавување информации според активната транспарентност.

На дното на листата на транспарентност се неколку општини, Зелениково, Лозово и Арачиново.

Меѓу регионите, на првото место изби Источниот Регион (со 83 % активна транспарентност), додека на последно место останува Скопскиот Регион (со 66 % активна транспарентност).

Најмалку информации и министерствата и општините објавуваат за финансиите (општините само 57 % од можни 100 %, а министерствата 62 % од можни 100 %).

Се влошува состојбата со одговорите на барањата за слободен пристап до информациите од јавен карактер што им беа испратени на сите институции во ист ден и со исто прашање. Општините одговорија во просек за 16 дена (лани за 12 дена), а министерствата одговорија за 19 дена (лани за 16 дена). Само 65 % од институциите одговорија во рамките на максималниот законскиот рок од 20 дена (лани тоа го сторија 93% од институциите), соопштуваат од Центарот за граѓански комуникации.