Ноле ќе брка 23. гренд слем трофеј, грчевите предизвикаа „колапс“ на Алкараз

Макфакс

09/06/2023

20:02

1.674

Големина на фонт

а а а

Новак Ѓоковиќ е прв финалист на Ролан Гарос, откако најавеното „финале пред финале“, полуфиналниот дуел со Карлос Алкараз ги оправда очекувањата само во првите два сета, за на крајот Србинот да стигне до 6:3/5:7/6:1/6:1 победа над светскиот број 1, кој се мачеше со грчеви во третиот сет.

За рекордниот 23. гренд слем трофеј, со што ќе го помине отсутниот Рафаел Надал, Ѓоковиќ во недела ќе игра со подобриот од второто полуфинале помеѓу Германецот Александер Зверев и Норвежанецот Каспер Руд. Ова е рекордно 33. гренд слем финале за српскиот тенисер и тој останува единствен што играл во финале на сите гренд слем турнири барем шест пати.

Ова ќе биде седмо финале за Ѓоковиќ на земјените терени во Париз, каде што има освоено две титули, во 2016 против Енди Мареј и во 2021 против Стефанос Циципас.

Ѓоковиќ го освои првиот сет откако направи брејк за 3:1 водство, по што во фантастичниот втор сет, шпанскиот тенисер успеа да го крене нивото на игра и да израмни на 1:1, најавувајќи голема борба за финалето.

Меѓутоа, во третиот гем во третиот сет, на негов сервис, Алкараз почна да има сериозни проблеми со грчевите, стопирајќи ја играта. Бидејќи во текот на еден гем не смее да се побара медицински тајмаут, тој го предаде гемот на Србинот. По ова, неговата игра и физички и ментално колабираше, и Ѓоковиќ лесно го освои сетот да поведе со 2:1. Последниот сет, Алкараз не успеа да ги надмине своите проблеми за на крајот далеку полесна победа од очекуваното.



Спонзорирани линкови

Маркетинг