Милевски задоволен од првите подготовки за мечевите со Украина и Англија

Макфакс

08/06/2023

18:14

1.782

Големина на фонт

а а а

Селекторот на македонската фудбалска репрезентација вели дека е задоволен од прелиминарните подготовки за двата меча од квалификациите за ЕУРО 2024 против Украина (на 16 јуни во Скопје) и Англија (на 19 јуни во Манчестер), и покрај тоа што тренинзите беа направени во нецелосен состав.

Дени Илиев, Езѓан Алиоски, Јован Манев, Енис Барди, Аријан Адеми и Илија Несторовски поради обврски во клубовите не беа во можност да се стават на располагање за подготовките од 2 до 8 јуни на тренинг центарот „Петар Милошевски“, додека Елиф Елмас денеска одработи тренинг со своите репрезентативни колеги.

„Повеќето од фудбалерите се собраа, очекуваме и останатите да ни се придружат во следните три дена, на 12. јуни треба да бидеме комплетни на тренинг откако ќе пристигнат Алиоски, Адеми и Илиев. Исклучително сум задоволен од оваа фаза на подготовки. Фудалерите, иако уморни од сезоната во клубовите, покажаа ангажираност, професионален пристап и голем ентузијазам.

Се обидовме да постигнеме одреден баланс со однос на физичката исцрпеност и енергијата која ќе ни треба за следната фаза подготовки и натпреварите кои не очекуваат. Акцентот сега го ставивме на физичката подготвеност, а веќе од 10. јуни се насочуваме на техничко-тактичка анализа и тоа ќе биде фокусот на тренинзите.

Украинците ќе ги предводи нов селектор, кој ќе го промени системот на игра, но ние веќе навикнавме на промени кои во најмала рака ни ја отежнуваат работата во однос на подготовка на натпреварите. Таков беше случајот и пред мечот со Малта.

Но, за нас е најважно да бидеме силни на тренинзите кои ни следуваат и целосно да се вложиме и тактички и физички. Иако е крај од сезоната, сигурен сум дека фудбалерите имаат мотив и енергија за уште два силни натпревари“, вели Милевски.



Спонзорирани линкови

Маркетинг