Осуден сум без докази и штета, со пристрасност на судијата и судир на интереси во предметот, рече Јанакиески за „Топлик“

Макфакс

08/06/2023

16:22

1.667

Големина на фонт

а а а

Со 18 причини ексминистерот Миле Јанакиески ја убедуваше Апелација дека не е виновен за случајот „Топлик“, каде што затезна камата се смета за штета и се досудија осудителни казни. Според Јанакиески, не постои доказ на Обвинителството со кое се докажува вина.

Укажа и на судир на интереси во предметот, што би било причина за пресудата да биде укината.

Потсети дека опериран беше носен во Кривичен за да му се суди. Посочи и на пристрасно постапување на судијата во Кривичниот суд.

„Oсуден сум врз доказ што не постои, не е доставен од страна на Обвинителството ниту, пак, е изведен како доказ на главна расправа, Обвинителството претпоставува, судот продолжува да претпоставува врз основа на непостоен доказ, при што во пресудата, за да биде уште поапсурдна ситуацијата, судот дури и извлекува заклучоци од непостоен доказ. Понатаму, судот се повикува на доказ од 4.4.2007 година и го нарекува извештај од јавно наддавање, но таков доказ ниту постои ниту може да постои бидејќи самото јавното наддавање е одржано на 15.5.2007 година. Како може да постои извештај за нешто еден месец пред тоа да се случи?“, праша Јанакиески.

Посочи дека „судот не го почитува ниту решението на антикорупциската комисија ниту ставот на невладината организација ‘Коалиција сите за правично судење’, која активно ги следи сите процеси, за што има подршка од меѓународни институции и амбасади во однос на фактот дека вештото лице на Обвинителството, Борис Тунџев, има конфликт на интереси“.

Во конкретниот случај штета за првостепениот суд претставува законска затезна камата. Во однос на ова сакам да истакнам неколку факти и аргументи, рече Јанакиески, и додаде: „Во согласност со ЗОО, законска затезна камата не е штета, туку трошок. Има официјален став на ЈО дека законска затезна камата не е штета, овој доказ е даден во завршен збор, но судот не го цени и воопшто не го спомнува“.

Обвинетиот укажа дека државниот правобранител не пријавил штета, туку рекол дека ќе бара по евентуална правосилна пресуда.

„Преставникот на ДП е истиот тој што ја склучил спогодбата со правното лице за раскинување на договорот врз основа на согласност од Владата на РСМ, врз основа на што е донесена и судската одлука, врз основа на која е исплатена законската затезна камата“, рече Јанакиески.

Дециден е дека имало пристрасно постапување на судијата Осман Шабани.

„За пристрасното судење на судијата има повеќе аргументација, на пример, 1 година пред изрекување на пресудата, 8.2.2021 година, судијата во нервоза истакнува: ‘Ќе видите во образложението на пресудата за што сте виновни’, за ова постојат и запис и медиумски извештаи (доставени во жалбите). Исто така, до крајот на постапката за повеќе од половина рочишта не беа дадени цедиња иако има поднесоци дека сме ги барале, што преставува флагрантно кршење на ЗКП“, додаде Јанакиски.

Не било дозволено супервештачење иако имало контрадикторности во двете вештачења во делот на геодезијата.

„Овој предмет го водеше ненадлежен јавен обвинител. Виш јавен обвинител врз база на согласност од Вилма го застапува предметот. Не постои во новиот закон за ЈО инструмент согласност од јавен обвинител на организиран, а пак никако да може да овласти виш обвинител“, додаде Јанакиески.

Ексминистерот за транспорт и врски, Миле Јанакиески, е осуден на 3 години и 6 месеци за случајот „Топлик“, каде што од Обвинителството беше гонет за злоупотреба на службената положба и овластувањето. Димитар Димовски, кој бил член на комисија што спроведувала јавно наддавање за „Сончев Град“, а бил и член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, доби условна осуда, односно казна затвор од две години ако го повтори делото. Од другите членови на комисијата, Томче Ѓурчилов доби казна затвор од три години. Веса Томчевска е осудена на условна казна, а ќе издржува две години затвор ако во следните пет години направи ново кривично дело; Димитар Ѓаќев доби условна осуда, а казна затвор од 2 години ако во рок од пет години направи ново кривично дело; и Марица Тасева е осудена на условна осуда, а казна затвор од 2 години ако во рок од пет години направи ново кривично дело.