Мицкоски чека одговор од СДСМ, го поздрави одговорот на Османи за влада без ДУИ

Макфакс

08/06/2023

16:21

1.346

Големина на фонт

а а а

Од лидерската средба вчера можеме да констатираме дека во овој момент Владата го нема потребното мнозинство, односно нема две третини во парламентот за уставните измени, истакна денеска лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

„И покрај тоа што во јавноста континуирано испраќаа лажни вести дека преговараа, вчера стана јасно дека преговори нема. Дека Македонија не преговара со ЕУ и покрај сите отстапки што ги направивме, а дополнително е потребно да се направт нови понижувања“, рече Мицкоски.

Како одговорна политичка партија, додаде тој, ВМРО-ДПМНЕ секогаш е подготвена да разговара кога станува збор за иднината на државата.

Потсети која била понудата од страна на Ковачевски, а кои биле условите на ВМРО-ДПМНЕ за преодна влада на вчерашната лидерска средба.

„Од негова страна беше дадена понудата да отстапи пет министерски места, а за возврат на тоа ние да дадеме поддршка за уставните амандмани. Јас реков – во ред, ја прифаќаме понудата, но имаме услови. Конечно, Македонија да ја ослободиме од ДУИ и го поздравувам потегот на Османи што тоа го прифати, а потоа граѓаните ќе си го кажат своето“, рече Мицкоски.

Повлекувањето на ДУИ од власта, како што појасни, е главен услов за составот на преодна влада.

„Но, што се однесува до уставните измени, ние кажавме – во ред, да го прифатиме гласањето за нив, но ефектот да биде одложен сѐ до приемот на Македонија во ЕУ. На тој начин го заштитуваме нашиот идентитет и кажуваме дека нема да има дополнителни отстапки кои ќе може да ни наштетат. Понудивме решение и очекуваме одговор од страна на СДСМ“, додаде Мицкоски.

На прашањето дека СДСМ велат оти опозициската партија прифатила уставни измени, Мицкоски појасни дека прифатиле уставните амандмани да бидат ефективни, односно примената на амандманите да биде тогаш кога Македонија ќе стане членка на ЕУ и составување преодна влада без ДУИ.

„Добро е да сме дел од овој процес, ќе спречиме евентуална злоупотреба и неправилности при изборниот процес. Очекуваме одговор од СДСМ“, посочи Мицкоски.

За одговорот на Османи, вели дека го поздравува.

„Го поздравувам што сфати дека е време за опозиција. Tоа дава можност граѓаните да се ослободат од фрустрацијата од процесот на дуизацијата. Од друга страна, тоа дава можност за вистински почеток на преговори со ЕУ, а не Македонија да биде држена во заложништво од мала група луѓе, кои, освен својот личен интерес, ништо друго немаат како приоритет. Се надевам дека нема да ја променат одлуката до изборите“, дециден е Мицкоски.

Рече дека не разговарале за тоа кои пет министерства се во прашање.

„Не сме зборувале за тоа, очекуваме да се сложат на ЦО на СДСМ, првин да прифатат една ваква влада, во која нема да учествува ДУИ и да прифатат амандманите на Уставот да бидат со важење тогаш кога Македонија ќе биде членка на ЕУ“, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.