Австрија ќе испрати полицајци и војници како дел од Партнерската мисија на ЕУ во Молдавија за да ги зајакне структурите за управување со кризи во земјата, пренесува „Еурактив“.
Во април годинава, министрите за надворешни работи на ЕУ го одобрија започнувањето на новата цивилна мисија за помош на Кишињев да се соочи со странско мешање и хибридни закани.
Австрија ќе придонесе со мајмногу пет полицајци и три лица од австриските вооружени сили, заедно со најмногу четворица експерти од Министерството за внатрешни работи.
За поддршка на воздушниот транспорт, Австрија ќе испрати и до 30 припадници на австриските вооружени сили.
Мисијата на ЕУ има за цел да ги подобри структурите за управување со кризи во Молдавија, особено во безбедносниот сектор, преку справување со предизвиците како што се дезинформациите и сајбер нападите.
Наречен Мисија за партнерство на ЕУ во Молдавија (ЕУПМ Молдавија), тимот од цивилни советници ќе работи две години.
„ЕУПМ Молдавија ќе придонесе за зајакнување на отпорноста на безбедносниот сектор на Молдавија во областите на кризниот менаџмент и хибридните закани, вклучително и сајбер безбедноста и спротивставување на странското манипулирање си информациите и мешањето“ се вели во текстот на мандатот на мисијата.
Покрај фокусирањето на управувањето со кризи, мисијата има за цел да испрати политички сигнал до Русија дека ЕУ ја поддржува Молдавија, која се бори со руското влијание од 1992 година, изјави неименуван дипломат на ЕУ.
Иако мисијата на ЕУ нема извршни функции и ги исполнува должностите без да биде вооружена, безбедноста на мисијата е примарна одговорност на молдавските власти.
Мисијата доаѓа и како одговор на руската закана на која предупреди прозападната влада на Молдавија претходно годинава, обвинувајќи ја Москва за заговор за државен удар со употреба на странски саботери кои би поттикнале протести за да ја сменат актуелната влада со проруска.