ЕУ со нов план за мигрантите - Земјите кои одбиваат да ги прифатат ќе мора да платат

Макфакс

08/06/2023

11:27

935

Големина на фонт

а а а

Министрите за внатрешни работи на земјите членки денеска се среќаваат во Луксембург, каде ќе се обидат да постигнат договор за двата клучни закони во областа на миграцијата и азилот, за кои неуспешно се преговара веќе неколку години, но овојпат се чини дека конечно може да се постигне договор.

„Дали ќе успееме? Се надеваме, но не сум сигурен, шансите се 50:50“, изјави дипломатски извор запознаен со подготовките за средбата. „Сега имаме реална перспектива, постои разумна надеж дека ќе постигнеме договор, но никогаш не се знае“, додаде изворот, пренесуваат медиумите во регионот.

Министрите ќе се обидат да постигнат заеднички став за двата клучни законски предлози, кои се составен дел на новиот пакет за миграција и азил – Регулативата за азил и управување со миграцијата и Регулативата за процедури за азил.

Европската унија се бори со прашањето на миграцијата од 2015 година и големата мигрантска криза. Во 2016 година, Комисијата предложи пакт за миграција и азил, но земјите-членки не беа во можност да постигнат договор за тоа. Главниот камен на сопнување беше прашањето за обврзувачките квоти за распределба на мигрантите за да се растоварат земјите-членки на надворешните граници, кои се под голем мигрантски притисок и го носат најголемиот товар. Сепак, некои од земјите-членки на Централна и Источна Европа, пред се Унгарија и Полска, не се согласија на обврзувачки квоти.

Во септември 2020 година, Комисијата презентираше предлог за Новиот пакт за азил и миграција со цел конечно да се пресече Гордиевиот јазол во политиката за азил, односно прашањето за обврзувачките квоти за распределба на мигрантите низ земјите-членки. Главниот елемент на новиот предлог е да се заменат обврзувачките квоти со обврзувачка солидарност. Со други зборови, оние земји кои не сакаат да прифатат луѓе кои имаат право на азил мора на некој друг начин, обично финансиски, да им помогнат на оние кои тоа го сакаат, стои во написите.

„Мислам дека има разбирање меѓу земјите-членки за тоа – нема да има обврзувачки квоти“, изјави дипломатски извор.

Дипломатите не ги откриваат деталите за предлозите, со кои се обидуваат да добијат согласност од сите или барем мнозинството држави што би обезбедиле квалификувано мнозинство гласови потребни за одлука. Изминативе денови медиумите споменуваа предлози според кои оние земји кои одбиваат да примат мигранти ќе треба да платат сума од 22 илјади евра за секое лице што ќе одбијат да го примат, а кое добива право на азил.

Таа идеја веднаш наиде на огорченост и остри критики во Полска.



Спонзорирани линкови

Маркетинг