Расмусен: Земјите на НАТО може да испратат војници во Украина

Макфакс

08/06/2023

09:01

1.453

Големина на фонт

а а а

Поранешниот генерален секретар на НАТО, Андерс Расмусен, тврди дека некои земји-членки на Алијансата би можеле доброволно да испратат војници во Украина ако на претстојниот самит на земјата не и бидат понудени безбедносни гаранции за широк спектар прашања, пренесува „Гардијан“.

Расмусен, кој му е советник на украинскиот претседател Володдимир Зеленски и соработуваше со неговиот претходник, Петро Порошенко, вели дека пред да се состанат лидерите на НАТО во Вилнус следниот месец, на Киев треба да му се дадат писмени гаранции за, меѓу другото, споделување разузнавачки информации од Запад, трансфер на оружје и за заеднички воена обука.

„Ако НАТО не може да се договори за јасен пат напред за Украина, постои јасна можност некои земји поединечно да преземат акција“, рече тој во средата.

По турнејата низ Европа и САД во последните неколку недели за да помогне во обезбедувањето воена поддршка за Украина, Расмусен тврдеше дека распоредувањето странски трупи ќе биде легално според меѓународното право, ако тоа го побара Киев.

Иако актуелниот генерален секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, неодамна потврди дека во Вилнус ќе се разговара за некои безбедносни гаранции, тој истакна дека целосни гаранции може да им се понудат само на земјите-членки.

Алијансата уште во 2008 година вети дека ќе ѝ даде членство на Украина, а Киев официјално поднесе барање за членство лани во септември, но оттогаш е постигнат мал напредок по ова прашање.

Неколку членки на НАТО стануваат сè погласни за иднината на Украина во блокот, повикувајќи ги другите западни земји да оцртаат јасен пат до членство.

Претходно неделава, подгрупата на источноевропските земји на НАТО – позната како Букурешката деветка – ја повика алијансата да зацрта нова политичка патека што ќе доведе до членство на Украина во НАТО во Вилнус, како и „поцврст, повеќегодишен и сеопфатен пакет за поддршка“.

Иако и Вашингтон постојано тврди дека Украина еден ден ќе се приклучи на НАТО, неговиот фокус сега е на актуелниот конфликт со Русија, надевајќи се дека подоцна ќе го реши прашањето за членство.

Американската амбасадорка во НАТО Џулијан Смит изјави дека официјалните лица сега „гледаат низа опции за да сигнализираат дека Украина напредува во односите со НАТО“, иако не прецизираше што би можело да значи тоа.

Зеленски отфрла каква било замена за НАТО и, наводно, им рекол на западните партнери дека нема да присуствува на самитот во Литванија во јули ако блокот не ѝ понуди на Украина конкретни гаранции или патоказ за полноправно членство.

Русија го смета континуираното проширување на НАТО кон исток како закана за својата безбедност и ја наведе помошта на земјите-членки за Украина како една од причините поради кои почна воената операција во февруари 2022 година.

Москва постојано повторува дека неутралноста на Украина ќе биде една од клучните услови за траен мир.



Спонзорирани линкови

Маркетинг