Најмалку тројца загинати во Херсон, Зеленски жестоко ги критикува Обединетите Нации и Црвениот крст

Макфакс

08/06/2023

08:50

2.366

Големина на фонт

а а а

Најмалку три лица загинаа во поплавите што се случија по уништувањето на браната Нова Каховка на југот на Украина.

Според украинските власти во тој регион, три лица се удавиле.

Во своето обраќање во синоќа, Зеленски рече дека е невозможно да се предвиди колку луѓе ќе загинат како резултат на поплавите во Херсон, окупиран од Русија. Тој го повика светот да одговори и да им помогне на жртвите.

Зеленски жестоко ги критикуваше ОН и Црвениот крст, обвинувајќи ги дека не им помогнале во ваква тешка ситуација.

„Нашите војници и специјалци максимално ги спасуваат луѓето и покрај престрелките. Но, акцијата треба да биде многу поголема. Потребни ни се меѓународните организации веднаш да се вклучат во спасувачките операции и да им помогнат на луѓето во окупираните делови на Херсон“, рече Зеленски.

Тој посочи дека ако меѓународна организација не е присутна во загрозена зона, тоа значи дека организацијата не постои или дека е ненадлежна.

„Многу часови по катастрофата, тие не се тука. Немавме одговор. Шокиран сум“, изјави Зеленски за Билд, Ди Велт и Политико.

Уништувањето на браната во близина на линијата на фронтот во Украина поплави десетици села и делови од блискиот град, што ги зголеми стравувањата од хуманитарна катастрофа. Официјални лица рекоа дека илјадници луѓе ќе мора да ги напуштат своите домови, а многумина веќе го прават тоа без помош. Зеленски тврди дека руските окупаторски власти „не се ни обиделе да им помогнат на луѓето“.

„Окупаторите ги оставаат луѓето во страшни услови. Без вода“, рече Зеленски.