Ако се дозволи Украина да загуби од Русија на бојното поле, ќе започне нова светска војна, тврди Ники Хејли, една од републиканските претседателски кандидати, пренесува „Хил“.
Поранешната гувернерка на Јужна Каролина изјави во неделата дека вооружувањето на Киев е само за спречување војна со испраќање порака до американските ривали.
„Кога Украина победува, тоа испраќа порака до Кина за Тајван, испраќа порака до Иран кој сака да создаде бомба, испраќа порака до Северна Кореја која тестира балистички ракети, испраќа порака до Русија дека е готово. Во најдобар интерес на САД, во најдобар интерес на нашата национална безбедност е Украина да победи. Мораме да го постогнеме ова, мора да го завршиме“, изјави Хејли.
Во однос на тоа како може да заврши војната, Хејли беше помалку отворена.
„Ќе заврши за еден ден ако Русија се повлече Ако Украина се повлече, тогаш сите гледаме кон светска војна. За да се спречи тоа, на Киев му требаше оружје – многу оружје. Победата за Украина е победа за сите нас, бидејќи тираните ни кажуваат точно што ќе прават“, продолжи Хејли.
Таа тврди дека ако Украина падне „Русија рече дека Полска и Балтикот се следните“.
„Ако тоа се случи, можеме да очекуваме светска војна“, повтори таа.
Иако многу се пишуваше за можноста за руска инвазија на Полска или на балтичките земји, дури и повеќето американски експерти признаваат дека тоа е малку веројатно.
Инвазијата на која било од тие земји би го активирала Членот 5, клаузулата за заемна одбрана на НАТО, претворајќи го конфликтот што многумина го опишаа како прокси-војна меѓу Москва и Брисел во директна војна меѓу нуклеарните сили.
Хејли брзо се издвои по прашањата за надворешната политика од републиканскиот фаворит Доналд Трамп, кој претходно годинава се шегуваше дека на САД, а не на Русија им треба промена на режимот, и од предизвикувачот Рон ДеСантис, за кој конфликтот во Украина е територијален спор.
За време на обраќањетo, таа повторно се спротивстави на идејата да се остане неутрален во конфликтот, инсистирајќи дека „Ова е војна за слободата и треба да победиме“.
Додека Хејли служеше како амбасадор на САД во ОН за време на Трамп, таа не ја криеше својата интервенционистичка склоност, па дури и најави неочекувана рунда санкции против Русија од што Белата куќа потоа мораше да се огради.
Хејли со месеци апелираше до администрацијата на Бајден да попушти пред барањата на украинскиот претседател Володимир Зеленски за борбени авиони Ф-16 и да воведе уште повеќе санкции, тврдејќи дека Вашингтон е премногу мек кон Москва.