Писмо од Јовев и колективот на Кардиохирургија: Во нашава земја само успехот не се простува

Макфакс

06/06/2023

13:08

1.243

Големина на фонт

а а а

Професорот доктор Сашко Јовев прочита писмо напишано заедно со колективот на Клиниката за кардиохирургија. Тој посочи дека имаат низа успеси, а разрешувањето, поакжува дека успеси не се простуваат во Македонија. Јовев постави и низа прашања до ресорното министерство и Владата, а во негово име, како и во име на колективот.

„Во нашава земја само успехот не се простува. Каква порака ќе оставиме кон младите генерации? Кардиохирургија, заедно со овој тим, во последните осум години создаде ултра модерна клиника која ги работи сите можни процедури во кардиохирургијата кои се работат во најреномираните светски клиники. Создадевме најмодерна единица за интензивна нега. Излечивме многу најтешки пациенти. Од проект израснавме во регионален центар. Сега за награда, дали од каприц, дали од скриена сугестија, добиваме смена на менаџметот на Клиниката. Покажуваме одличен пример на младите генерации, дека ако се учи и создава, оперира 24/7, ако се сака земјата, ако се биде пожртвуван за пациентите, ако се опреми клиниката како најмодерните, не чини и треба да ја напуштиме клиниката и земјата или да не се прави сето тоа?“, праша Јовев читајќи го писмото напишано со колегите.

Тој посочи дека за него во животот постојат два начини на однесување – да се работи создава и учи или да се гази по тоа. Докторот Јовев го повика Министерството за здравство, министерот и Владата да ја преиспитаат одлуката за разрешување.

„Цврсто стоиме на ставот дека тимот кој победува не се менува. Да ја оставиме политиката на страна. Ако сето ова се прави, се има магистериум, докторат, три специјализации, титули за редовен доживотен професор, се оперира, се едуцира, се воведува се што е најново, значи дека се спие? Не знам, да видиме“, додаде Јовев, читајќи го писмото.

Тој додаде дека ако имало пропусти во настанот при спроведување на протокол – не смее да има разрешување.

„Сметаме дека најискусните луѓе треба да ги водат клиниките“, додаде Јовев.

Посочи дека сите работат 24/7 во Клиниката, а ако сите го евидентираат работното време – тој нема да може да ги плати.



Спонзорирани линкови

Маркетинг