(Видео) Аплауз од колегите и пациентите за Јовев: Меџити се налути оти доцна му била пратена покана за настан, трпев многу притисоци

Макфакс

06/06/2023

12:41

3.781

Големина на фонт

а а а

Професорот Сашко Јовев, кој е сменет од директорската позиција на Кардиохирургија, посочува дека министерот за здравство, Фатмир Меџити, го сменил поради некаква протоколарна грешка за настан што го организирала Клиниката. Тој рече дека не излегол само тој жртва, туку и Кардиохирургија. Според Јовев, Меџити се налутил оти доцна бил поканет.

„Во 35 години немав земено еден ден боледување. Минатата недела имав такви притисоци, што морав да се тргнам малку и да земам боледување, кое денеска го прекинав поради ова. Имав притисоци дека сум направил грешка, дека грешката е во самиот протокол при еден прекрасен настан во саботата кога отворивме нова хибридна сала, единствена во регионот. Кога го пуштивме во употреба апаратот што одржува во живот човек без срце и бели дробови цели три месеци. Тогаш се случи уредно да бидат поканети сите, министерот за здравство не дојде оти смета дека доцна му била дадена поканата, дека премиерот ја добил малку порано. Јас тука не можев да се мешам, па се најдов во средината и на крајот да излезам жртва. Не излегов јас само жртва, излезе жртва Кардиохирургија.

За поддршката пред Клиниката, рече дека се организирале да дојдат 1.300 пациенти.

„Ова е само дел од поддршката бидејќи не сакавме да ја правиме пооглема и да прерасне во нешто друго и да се политизира. Ова е мојот тим што чуда прави и кој работи 24/7, а не спие на чело со мене. Овде се некои од пациентите на кои им се направени големи операции и многу други се јавија – пациенти, колеги, пензионирани доктори, пензионери. Речиси 1.300 сакаа да дојдат, им рековме да не доаѓаат. Конечно, мора да победи правдината. Не сакаме да се работи по политика, туку по професионалност. За она што го работиме 24/7 и за она што се жртвуваме“, рече Јовев.

Револт за разрешувањето на Јовев, пациенти пред Кардиологија: Срамота е ова што се прави

Пред Кардиохирургија дојдоа пациенти, кои му изразуваат поддршка на професорот доктор Сашко Јовев, разрешен од министерот за здравство, Фатмир Меџити. Тие посочија дека срамота е да биде разрешан Јовев оти е професионалец. Тие потенцираат дека од него зависат животите на граѓаните.

„Дојдовме да му дадеме поддршка на Јовев, кој се бореше да ни дадат нови животи. Револтирани сме од непрофесионалноста на министерот, кој сака да стави политички, а не стручни кадри. Од нив зависат нашите животи“, рече Сашко Јанкуловски, пациент.

На протестот излегоа и вработени од Клиниката.

„Дојдовме од проста причина бидејќи не сакаме да го изгубиме стручњакот што перфектно си ја врши својата работа. Срамота е ова што се прави. Јас сум оперирана пред седум месеци, сега се чувствувам преубаво. Не смееме да дозволиме ова да се случи, професорот да биде шиканиран“, рече Љупка Спасовска, пациентка.

Пациентите посочија дека благодарение на интервенциите од Јовев тие сега се живи и здрави.

„Пред една година имав тешка операција на Кардиохирургија. Дојдов во последен момент како тежок случај. Благодарение на професорот и тимот, со силна и тешка операција, преживеав. Еве живеам и се надевам дека и натаму ќе живеам. Кога лежев на интензивна нега, ќе се сеќавам на моментите, секој ден по неколкупати професорот доаѓаше на интензивна нега ако нешто не беше во ред. Професорот прашуваше како сум, се бореше за пациентите, даваше насоки. Му давам голема поддршка, не е во ред ова што се прави“, вели Љупчо Ангеловски, пациент.

Некои од нив сметаат дека ваквото постапување е бркање на професорот од дома.

„Потресена сум и ова ме погоди. Оперирана сум од срце. Ме прими од ходникот. Не може некој да го избрка од дома, тој овде е дома. Нема правда овде, срамота е ова. По толку трансплатации, дежурства… Кога и да отворам очи, луѓето овде работеа. Срамота е ова, срамота е човекот да го избркате од дома“, рече Тина Алексовска, пациентка.



Спонзорирани линкови

Маркетинг