Севиља ја освои Лигата на Европа по изведувањето на пенали во вечерашното финале против Рома, одиграно во Будимпешта. Така продолжи серијата на шпанскиот клуб кој по седми пат го освои овој трофеј.
За тренерот на Рома Жозе Мурињо ова е прв пораз во финалните натпревари.
Римјаните подобро го отворија натпреварот, првата голема шанса ја имаа во 12. минута. Спинацола остана сам на 12-13 метри од голот по возвратната топка на Челик, но голманот на Севиља Боно беше подготвен и го одбрани ударот.
Избраниците на тренерот Жозе Мурињо дојдоа до водство во 35. минута. Стрелец беше Пауло Дибала. Севиља ја загуби топката на средината од теренот, а Манчини со убаво додавање го пронајде Дибала, кој побегна на противничката одбрана и мирно ја турна топката покрај Боно.
Севиља можеше да израмни во судиското надополнување, но Ракитиќ ја погоди стативата.
Шпанците сепак постигнаа гол во 55. минута. Тоа всушност беше автогол на Манчини. Ветеранот Хесус Навас нафрли остро од десната страна, а Манчини несмасно реагираше за да го запре Ен-Несири и да ја смести топката во сопствената мрежа.
Two Spanish teams bossing two European competitions
— Thierry Nyann ?? (@nyannthierry) May 31, 2023
Real Madrid = Champions League
Sevilla = Europa League
Masters ? pic.twitter.com/FXTJazdu80
Судијата Ентони Тејлор во 75. минута досуди, а потоа и поништи пенал за Севиља. Одлуката ја смени по интервенцијата на ВАР и прегледувањето на снимката.
Остана 1:1 до крајот на регуларните 90 минути. Натпреварот отиде во продолженија.
Сепак, немаше промена во резултатите и по дополнителни половина час. Рома до крајот беше блиску до нов гол, но Смолинг ја погоди гредата, по што се изведуваа пеналите.
Фудбалерите на Севиља покажаа посилни нерви. За Рома, Манчини (одбрана од Боно) и Ибанез (погоди стативата) се покажаа како лоши изведувачи на пенали. За Севиља погодија Окампос, Ламела, Ракитиќ и Монтиел.